Во домашна изолација и под здравствен надзор во земјава засега се наоѓаат околу 40-тина лица, поради контакти со двајцата сопружници од Општина Центар Жупа, соседна Општина на Дебар, кај кои завчера им е откриен корона вирус. Сопружниците кои биле во посета на свои блиски во Италија, втор ден се наоѓаат на Инфективната клиника во Скопје и се во стабилна здравствена состојба со лесна форма на болеста, но поради возраста се во ризична група.
Министерот за здравство Венко Филипче вчера на прес-конференција изјави дека лекарите ќе ја следат состојбата кај двајцата заболени, ќе се интервенира по потреба во ситуација да има влошување, а подготвени се и сите капацитети.
Тој информира дека епидемиолозите нашле уште девет други лица исто во околината на нивното место на живеење кои биле во близок контакт со двајцата пациентите и на сите деветмина им е определена домашна изолација и здравствен надзор. Идентификувани биле и сите преостанати патници од вкупно 28 лица кои се превезувале со нив во автобусот, а кои се исконтактирани телефонски. Според последното соопштение од Министерството за здравство, од нив 22 се во домашна изолација и здравствен надзор, а тројца ја напуштиле земјата. За еден од патниците кој бил жител на Албанија, надлежните го известиле албанското Министерство за здравство за неговиот идентитет.
Возачот на автобусот, пак, со кој пристигнале двајцата сопружници на 27 февруари, во меѓувреме повторно заминал на тура за Италија, која се смета за жариште на визрусот во Европа. Вчера попладне откако пристигнал во земјава на граничниот премин Табановце нему му бил направен тест кој се покажал негативен на корона вирус.
Автобусот кој тој го возел заедно со новата тура патници кои ги превезувал од Италија бил тргнат на страна, а до добивањето на резултатите од тестот, возачот и патниците биле во неколкучасовна изолација во објект на Царинската управа на граничниот премин. По добивањето на резултатот нему од Државниот санитарен и здравствен инспекторат му била одредена домашна изолација.
-До истекот на 14-иот ден од периодот на инкубација, пресметано од последниот ден на контакт со заболените (27 февруари), шоферот, со решение на ДСЗИ, останува во домашна изолација, под здравствен надзор на епидемиолозите, наведуваат од Министерството за здравство.
Патниците, пак, кои вчера пристигнале со него, по прегледот од епидемиолозите на граничниот премин при кој кај ниту еден не е индицирана болест, се пуштени дома. Тие немале контакт со позитивен пациент, но дадени им се препораки, доколку почувствуваат некои симптоми, да не одат по здравствени институции, туку веднаш да се јават во центрите за јавно здравје.
Сите лица кои добиле решение на ДСЗИ за здравствен надзор со полициска придружба остануваат во домашна изолација, во случај на непостапување по решението следат правни консеквенци, предупредуваат од Министерството за здравство.
Во меѓувреме, Филипче информира дека е целосно подготвен и објектот за изолација во Демир Капија, како дополнителен капацитет на инфективните одделенија во Штип, Велес и во Гостивар. Подвлече дека останува апелот на граничните премини сите да кажуваат вистинити податоци дали биле во контакт со заболени и дали имаат симптоми, поради порастот на бројот на случаи на заболени од корона вирусот низ Европа. Тој ги повтори и препораките за патниците кои се вратиле од странство да не се јавуваат на матичен лекар, доколку развијат симптоми.
– Тоа е нешто на што апелираме од почетокот на епидемијата. Ќе добијат здравствена услуга, земање на брис во домашни услови и тоа е целта на сите мерки. Во постојана комуникација сме и со претставници на СЗО, во моментот нема други препораки, рече тој.
За сите граѓани остануваат препораките дистрибуираме во медиумите за спроведување на личната хигиена, често миење раце.
Првата пациентка кај која беше утврден корона вирусот, а која е хоспитализирана на Клиниката за инфективни болести, се наоѓа во стабилна состојба. Тестот кој и бил направен завчера бил негативен на корона вирус, но согласно процедурата, истиот треба да биде повторен по 48 часа.