Како што деновиве беше најавено, на 22 овој месец во Скопје, бизнисменот и најголем акционер во Еуростандард Банка, Трифун Костовски ќе го објави независниот извештај од истрагата за стечајот на банката што ја водеше тимот предводен од Драго Кос, еден од најеминентните европски експерти во таа област.

Како што објави порталот Опсервер, Кос е меѓународен експерт за борба против корупција и организиран криминал повеќе од три децении и во неговото „сиви“ се вброени повеќе функции во меѓународни институции.

Во Македонија, Кос и неговиот стручен тим, работеа на стечајот на Еуростандард банка при што открија дека земјава има сериозен проблем со банкарскиот систем.

Опсервер ја објавува изјавата на Кос пред објавата за Еуростандар банка:

„За секоја земја, кредибилноста на нејзиниот банкарски систем е од исклучителна важност затоа што тој е систем што го користат самата држава, приватниот сектор и граѓаните. Сосема е природно, клиентите да очекуваат нивните банки да се придржуваат на законските прописи кои ги штитат не само банките туку и приватната сопственост на своите коминтенти, како и финансискиот интегритет и кредибилитет на земјата. За жал во Република Македонија, барем последните 18 години, се случуваше нешто сосема поинаку. Како што покажаа темелните и длабоки анализи на работењето на одредени банки, вклучувајќи ја и Еуростандард Банка, банките иницирале и одржувале незаконски систем на финансирање на одредени клиенти, кој еволуирал до таа мера да економски ги уништи банките, приватните претпријатија и поединци, вели Кос.

Натаму експертот продолжува:

– Низ таквиот систем, кој во одредени моменти опфатил дури седум комерцијални банки и повеќе десетици компании, поминале повеќе стотици милиони евра за кои не реагираа Народната Банка на Република Македонија, иако знаела за сите тие елементи, ниту Државното Обвинителство на Република Македонија, кое исто било запознаено до последен детал, ниту пак Владата на Република Македонија, па дури ни кога сите набројани биле претходно предупредени. Токму поради ова дојде време целата вистина да се обзнани пред македонската јавност, се вели во изјавата на Кос.

Извор: Опсервер