Наша политичка цел е да ги започнеме преговорите со С. Македонија по Кластерот „Основни вредности“, штом ќе бидат усвоени потребните уставни измени, порача денеска еврокомесарката за проширување Марта Кос во воведното обраќање на дебатата со членовите на Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент посветена на проширувањето на ЕУ, состојбите во Украина и соседската политика на блокот.
– Бугарија и С. Македонија треба да почнат да разговараат интензивно и да најдат решение за ова билатерално прашање и јас стојам на располагање како олеснувач, ако е потребно, истакна Кос.
Таа нагласи дека денес живееме во време на длабока трансформација на меѓународниот поредок, и само за шест месеци од стартот на нејзиниот мандат, глобалниот пејзаж се променил драматично, па затоа во интерес на безбедноста и иднината на континентот потребно е „да заврши обединувањето на Европа“.
– За мене проширувањето е многу повеќе од само проширување. Туку станува збор за обединување на Европа. Тоа не е само морална неопходност, туку јасен услов за посилна и побезбедна Европа. Проширувањето во овој контекст оди подалеку од традиционалниот поглед и станува средство за обединување на Европа околу заеднички вредности и принципи, рече Кос.
Во тој контекст, според неа, ЕУ треба да бидеме подготвена да проектира стабилност и мир низ целиот континент и во европското стратешко соседство во Централна Азија и Медитеранот.
– Секогаш се радувам на соработката со Европскиот парламент на нови предлози. Затоа мојот повик за акција е да продолжиме да работиме заедно, за да се осигураме дека нашата Унија испорачува за сите, заклучи Кос во воведното обраќање.
Во текот на дебатата, известувачот на Европскиот парламент за земјава, Томас Вајц порача дека е јасно оти мора да се извршат уставните измени за да може државата да ги почне преговорите за членство, но мора да се има предвид и дека таа веќе 20 години чека на старт на преговарачкиот процес и спроведе значителни реформи во усогласувањето на своето со европското законодавство.
Тој ја запраша Кос колку е посветена на прашањето на помирувањето во регионот и на добрососедските односи, во услови кога постојат проблеми во односите како во некои од самите земји од Западниот Балкан, како во БиХ или Црна Гора, или меѓу нив, како меѓу Косово и Србија, но и на западнобалканските држави со соседите членки на ЕУ, како со Хрватска, Грција или Бугарија.
– Има многу прашања што треба да се решаваат, кога станува збор за идентитетот, за историјата, всушност за помирување со надминување на споровите од минатото. Ние тоа го направивме во Европската Унија. Да се признае лошото што се правело во минатото, но и заедно да се инвестира во меѓусебните односи. Мислам дека тоа е она на што треба посебно да се фокусираме, додаде Вајц.
Бугарскиот европратеник Станислав Стојанов од националистичката партија Преродба, посочи дека Бугарија во 2022 година била таа што го подигнала ветото и го деблокирала пристапниот процес за земјава.
– Ако говориме за некакви билатерални прашања, тие се меѓу Република Северна Македонија и Европската Унија, рече Стојанов.
Тој се осврна и на Предлог-извештајот на Вајц, по кој АФЕТ треба да се изјасни утре, посочувајќи дека имало „протекување на информации“ во текот на подготовката на извештајот, по што премиерот Христијан Мицкоски „изразил незадоволство“ од некои од поднесените амандмани на документот.
Стојанов изјави дека до европратениците стигнале информации за ненајавени средби на „главниот изготвувач на извештајот“ со македонските власти и за нарушување на правилата за транспарентност на Европскиот парламент.
– Се обратив до раководството на Парламентот, со барање да биде запрено усвојувањето на тој документ, да се спроведе истрага и да се утврдат сите факти и состојби, како тоа една земја која е предмет на извештајот има достап до доверливи информации и работи од неговата содржина, со што тој е компромитиран и необјективен, рече Стојанов, додавајќи дека верува оти ЕП ќе реагира на ова и ќе најде излез од ваквата ситуација.
Стојанов ја праша Кос за нејзино мислење за, како што рече, „притисокот од трета држава врз европските институции“ и дали има објаснување или информација „од каде би можеле да дојадат шест идентични амандмани со кои во извештајот се вметнуваат македонскиот јазик и идентитет“.
Неговиот сонародник Андреј Ковачев од партијата Граѓани за европски развој на Бугарија (ГЕРБ), пак, ја праша Кос за какви тоа разговори за надминување на билатерално прашање меѓу Скопје и Софија таа говори.
– Нема билатерално прашање, ве молам, вие добро знаете. Во Заклучоците од 2022 година и во Преговарачката рамка, 27-те земји членки и земјата кандидатка се согласија на тоа. Тие не треба да го губат времето на нивните граѓани на Северна Македонија. Жал ми е што граѓаните на Северна Македонија загубија толку многу време, бидејќи не се исполнети Заклучоците на Советот од 2022 година, рече Ковачев.
Тој и порача на Кос да не го користи терминот „билатерално прашање“, бидејќи, како што рече, нема нешто такво, туку само Заклучоци на Советот што мора да се исполнат за земјата да може да ги почне преговорите.
– Тоа е во интерес на нејзините граѓани, на Европската унија и на стабилноста на нашиот регион, додаде Ковачев.
Ивајло Валчев од бугарската партија Има таков народ (ИТН), ја праша Кос каков е нејзиниот коментар на „протекувањето на критични информациите во реално време“ од средбата на известувачите во сенка за Извештајот на земјава.
– Јас сум во шок за тоа како амандман кој го предлагам во писмена форма во групата, е коментирана следниот ден од премиерот на Северна Македонија, рече Валчев.
Тој го повтори барањето на Стојанов за запирање на постапката за усвојување на Извештајот з земјава се додека надлежните тела на ЕП не спроведат истрага за „истекувањето на информации“ за работата на известувачите во сенка.
Во одговор на прашањата на европратениците, Кос истакна дека „прорекувањата од Европскиот парламент“ во врска со извештајот земјава не е прашање со кое се занимава Европската комисија. – Генерално гледано членови на Парламентот ја ценам вашата работа. Преку вашата работа во вашата земја најдобро знаете што се случува во тие држави и на вас гледам како на партнери. Со нетрпение очекувам да го добијам извештајот за Северна Македонија за да ми даде нов акцент за тоа што да правам, рече Кос.
Во однос на забелешките околу терминологијата „билатерално прашање“, Кос рече дека тоа е европско прашање, но исто така е и прашање на една земја членка и една држава кандидатка и тие мора да разговараат.
– Се согласувам дека сите ние мора да се грижиме за помирувањето и добрососедските односи, не само Северна Македонија, не само Бугарија, туку сите ние. Но, тоа не е можно без да разговараме едни со други, додаде Кос.
Таа истакна дека се понудила да биде олеснувач во тие разговори, затоа што од страна гледа поинаку на тоа што се случува.
– Ако можам да помогнам, тогаш сум подготвена да седам 24 часа. Колку и да е потребно, за да се дојде до решение. И да, Северна Македонија мора да го промени Уставот и тогаш ќе продолжиме со процесот на пристапување. Така што, да, тоа е тешка работа, но верувам дека сите ќе придонесете за тоа, додаде Кос.
Говорејќи воопштено за пристапниот процес на сите земји кандидати за членство, Кос нагласи и дека сега е појасно од кога било досега дека не може да има проширување без почитување на демократските вредности.
– Мора да ја браниме Европската Унија и не можеме да си дозволиме да влезат држави кои нема да бидат целосно подготвени за членство, не само економски, ако се придржуваме до Копенхашките критериуми, туку и во смисла на институции кои ќе можат да ја бранат демократијата, рече Кос.
Таа додаде во идните договори за пристапување и со тоа во идното проширување, ЕУ мора да води сметка да се заштити себе си.
– Мора да размислиме како можеме да се заштитиме себеси, со цел нашите вредности да не бидат уништувани одвнатре, како што тоа веќе се случува, рече Кос, додавајќи дека затоа принципот на заслуги и постигнувања мора да биде основа на пристапниот процес.
Кос се заложи за забрзување на целиот пристапен процес преку, како што рече, забрзување на техничкиот дел на проширување за кој сега се потребни 150 одлуки со консензус. Според неа, би било многу полесно доколку во процесот на пристапување со консензус се носат само одлуките за важни прашања, како што доделувањето кандидатски статус и завршување на преговорите, а сите одлуки помеѓу да се усвојуваат со квалификувано мнозинство гласови.
– Така можеме да го направиме процесот многу побрз, заклучи Кос.
Фото: МИА Архива