Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен престојуваат во Индија каде ќе бидат главни гости на овогодишните прослави на Денот на Републиката во Њу Делхи и ќе учествуваат на 16-от Самит ЕУ-Индија.
Кошта и Фон дер Лајен денеска ќе присуствуваат на парадата и останатите манифестации по повод 77-от Ден на Република Индија, чиј домаќин ќе биде индискиот претседател Драупади Мурму.
Лидерите на Унијата утре ќе учествуваат на Самитот ЕУ-Индија кој ќе биде можност за градење на билатералното стратешко партнерство, продлабочување на врските меѓу двете најголеми демократии во светот и да придонесе за дополнително зајакнување на соработката во клучните политички области, пред сè на трговијата и одбраната.
На Самитот се очекува да стане збор и за договорот за слободна трговија, чие усогласување е во завршна фаза по речиси две децении преговори. Со ваквиот договорот, наречен „мајка на сите договори“, би создал пазар од две милијарди луѓе, би биле укинати царини во вредност од четири милијарди евра годишно и би се обезбедило меѓусебно снабдување со клучни материјали и производи.
Лидерите ќе разговараат и за регионални и глобални прашања, особено за важноста на ефикасен мултилатерален систем, за слободен и просперитетен Индо-пацифички регион, за војната во Украина и за ситуацијата на Блискиот Исток.
Покрај ова, се очекува ЕУ и Индија да склучат и Партнерство за безбедност и одбрана за проширување на соработката во одбранбената индустрија, поморската безбедност, безбедната поврзаност и Вселената.
Во состав на делегацијата на ЕУ што престојува во Индија се и високата претставничка за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас и еврокомесарот за трговија и економска безбедност Марош Шефчовиќ.
Како што најави Европската комисија, за време на престојот во Њу Делхи, Фон дер Лајен ќе се сретне и со високи претставници на индиската Влада и деловната заедница.




