Во последните пет децении, од првиот состанок на Европскиот совет што се одржа пред точно 50 години, ЕУ изгради култура на единство во различностите, култура на компромис и култура на солидарност, порача доцна вечерва претседателот на Советот на Унијата, Антонио Кошта на прес-конференцијата по завршувањето на денешниот Самит на ЕУ.
Врз основа на ваквата посветеност, глобалниот ангажман на Европската Унија, според него, мора да поаѓа од премисата дела светот е мултиполарен и дека мултиполарноста создава нови можности за развој на заемно корисни партнерства со земјите на сите континенти.
– Тоа значи дека Европската Унија треба да ги зајакне своите односи со трети земји ширум светот врз основа на заеднички приоритети, како што се реформирање на мултилатералните организации, заштита на меѓународното право, борба против климатските промени, зачувување на океаните или намалување на сиромаштијата, додаде Кошта на заедничката прес-конференција со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и унгарскиот премиер Виктор Орбан, чија земја е актуелен претседавач со Унијата.
Во таков свет, според Кошта, САД остануваат еден од најблиските партнери на ЕУ и затоа Унијата е посветена да продолжи да работи прагматично со Вашингтон за зајакнување на трансатлантските врски.
– Обединетото Кралство е уште еден многу значаен стратешки партнер. Има нова позитивна енергија во односите ЕУ-Велика Британија, која треба да ја искористиме во иднина, рече Кошта, најавувајќи дека го поканил британскиот премиер Кир Стармер да присуствува на неформалниот Самит на ЕУ на 3 февруари следната година, кој ќе биде посветен на одбраната.
Осврнувајќи се на Украина, Кошта рече дека на Самиот постоело „расположение на силна одлучност“ дека Европската Унија е обединета во својата поддршка на земјата за постигнување сеопфатен, праведен и траен мир.
– Не каков било мир, не капитулација. Само Украина, како нападната земја, може легитимно да дефинира што значи мир и дали и кога се исполнети условите за веродостојни преговори. Значи, сега не е време да се шпекулира за различни сценарија, сега е време да се зајакне Украина за сите сценарија, а денешната дискусија потврди дека Европската Унија е подготвена да направи се што е потребно, онолку долго колку што е потребно, за да ја зајакне позицијата на Украина за она што следува, рече Кошта.
Тој најави спроведување на 15-тиот пакет санкции против Русија, испорака на дополнителни 30 милијарди евра поддршка за Украина во 2025 година и зголемување на притисокот врз оние кои директно или индиректно придонесуваат за меѓународната ескалација на војната и им нанесуваат штета меѓународниот мир и безбедноста со поддршката на Русија.
– Агресијата на Русија не е само војна на европска територија. Тоа е војна против меѓународната заедница, затоа што Русија ги крши универзалните, фундаментални принципи на Повелбата на Обединетите нации и меѓународното право: суверенитетот, територијалниот интегритет и самоопределувањето, додаде Кошта.
Осврнувајќи се на Сирија, тој соопшти дека европските лидери на Самитот се договориле ЕУ да работи на обезбедување мирна и инклузивна транзиција во земјата, зачувување на нејзиниот територијален интегритет, почитување на човековите права, вклучително и правата на жените и заштита верските и етничките малцинства.
– Европската унија веќе се ангажира со актери на теренот, со новите власти и со другите регионални актери. Ја доставува многу потребната хуманитарна помош во Сирија, а ќе го зголеми и своето дипломатско присуство во Дамаск, најави Кошта.
Фон дер Лајен, пак, рече дека со падот на режимот на Башар Асад, првпат по една деценија сирискиот народ може да се надева на подобра иднина.
– Рано е да се каже дали новото раководство ќе може да го исполни она што го ветува, дали ќе се зачува територијалниот интегритет и националното единство и дали малцинствата ќе бидат заштитени. Европа ќе го направи својот дел, да ја поддржи Сирија во овој критичен момент. Затоа што се грижиме за иднината на Сирија. Европа се грижи моќта да му се врати на народот во Сирија, рече Фон дер Лајен.
Таа потсети дека ЕУ воспостави хуманитарен воздушен мост за испорака на помош за Сирија преку Турција и Јордан и дека само за оваа година помошта од Унијата за земјата надмина 160 милиони евра.
– Разговаравме и за прашањето за враќање на Сиријците дома. Ситуацијата на теренот останува многу нестабилна. Ние работиме многу тесно со УНХЦР. Добро е што УНХЦР има пристап во цела Сирија. Едно е многу јасно: сите враќања мора да бидат доброволни, безбедни и достоинствени, порача претседателката на ЕК.
Според Фон дер Лајен, 2025 година ќе биде одлучувачка година за Украина во услови кога рускиот претседател Владимир Путин „ги удвојува напорите да оствари успех“, па затоа зајакнувањето на земјата во моментов е морален и стратешки императив за ЕУ.
– Светот гледа како ја одржуваме нашата поддршка за Украина и затоа исто како и храбриот украински отпор, ние ќе бидеме непоколебливи. Значи, треба да се погрижиме Украина да надвладее и како што кажавте, ние мора да ја ставиме ја зајакнеме позицијата на Украина, нагласи Фон дер Лајен, потсетувајќи дека Европа досега и обезбеди на Украина речиси 130 милијарди евра помош.
Таа нагласи дека еден од најнепосредните предизвици е одржувањето на украинскиот енергетски систем, кој е цел на постојани руски напади и затоа покрај мерките за негово оправање, ЕУ мора дополнително да ја подобриме неговата поврзаност со европската мрежа.
– Паралелно, ние продолжуваме да ја придружуваме Украина на нејзиниот пат за пристапување во нашата Унија. Ако Украина продолжи со добрата работа, треба да бидеме подготвени да го отвориме првиот кластер од пристапните преговори на почетокот на следната година. Во текот на таа година би можеле да бидат отворени и други, додаде Фон дер Лајен.
Таа посочи дека приоритет на ЕУ мора да биде зачувување на силните трансатлантски односи и затоа треба проактивно да се вклучиме во позитивна агенда со новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, бидејќи Унијата и САД се трговски партнери и споделуваат длабоко интегрирани пазари и синџири на снабдување.
– Имаме заеднички интерес за справување со глобалните економски предизвици. Освен тоа, имаме и силно безбедносно партнерство и споделуваме долгогодишна посветеност на трансатлантскиот мир и стабилност, рече Фон дер Лајен.
Таа му се обрати и на Орбан, нагласувајќи дека унгарското претседателство со ЕУ беше во период на транзиција на европските институции што секогаш претставува предизвик, но дека Унгарија сепак оствари многу достигнувања во овој мандат.
Орбан, пак, осврнувајќи се на постигнувањата на унгарското шестмесечно претседавање со ЕУ, кое завршува на 31 декември, нагласи дека во овој период се водеше дебата за иднината на Унијата, и како дел од неа и за процесот на проширување, пред се со земјите од Западниот Балкан.
– Со Албанија одржавме три меѓувладини конференции и бевме блиску да можеме да организираме сличен настан и со Србија, што не се случило две и пол години, рече Орбан.
Унгарскиот премиер потсети и дека во оваа полугодие реалност стана целосното приклучување на Бугарија и Романија во Шенген зоната, процес кој, како што рече, повеќе години го блокирале група земји, нагласувајќи дека Будимпешта ги разубедила да ги отстранат овие блокади и двете балкански земји да го добијат она што го заслужуваат.
Тој посочи дека Унгарија во претседавањето со ЕУ се соочи со повеќе безбедносни прашања, како војните во Украина, на Блискиот исток и во Африка и со постојана закана од ескалација илегалната миграција.
Орбан нагласи дека Украина била најважното политичко прашање во текот на унгарското претседавање, во однос на кое немал простор за маневрирање, бидејќи во рамките на Европската Унија нема консензус за него.
– Ако немате консензус тогаш не можете да направите ништо во името на Европскиот совет. Така што и да правев во врската со војната, морав да го одвојам (од претседавањето) – не во рамките на Европската Унија, туку тоа беше билатерална дипломатија што морав да ја користам, рече Орбан.
Унгарскиот премиер додаде во тој контекст е и предлог за прекин на огнот за време на божиќните празници, кои Унгарија го иницирала за да се спречи дополнителна загуба на животи во овој период од годината, затоа што верува во вредности, меѓу кои еден од главните е и човечкиот живот.
Според Орбан, економските показатели укажуваат дека ЕУ ја губи конкурентноста и заостанува зад нејзините најважни конкуренти, во време кога сите други глобални играчи прават напори повторно да станат економски силни или да бидам уште посилни од што се.
– Во изминативе шест месеци појасно увидов дека Европската Унија мора да биде поамбициозни за да може да преживееме и мора да размислува поинаку. Сакам да им пренесам на идните претседателства да бидат храбри, согласно со она што е слоган на нашето претседателство „Да ја направиме Европа повторно голема“. Ова е нашата единствена шанса, додаде унгарскиот премиер.
Орбан им се заблагодари на соработката за време на унгарското претседавање со ЕУ на Кошта и на неговиот претходник Шарл Мишел, како и на Фон дер Лајен и целата Европска комисија, посочувајќи дека за да можат да работат за важни прашања за Унијата тие ги оставиле на страна сите меѓусебни политички несогласувања. сп/
Фото: Скриншот