Жителите на косовскиот главен град од денеска во наредните месец дена ќе можат бесплатно да го користат превозот со автобусите на градското јавно сообраќајно претпријатие, јави дописникот на МИА од Приштина.
Во објава на својата страница на Фејсбук, приштинскиот градоначалник Шпенд Ахмети нагласи дека „правилата и мерките за заштита од Ковид-19 остануваат во сила и се обврзувачки за сите кои патуваат со тие автобуси“.
Тој информира дека Советот на општината го прифатил предлогот на дел од советниците за четиримесечен бесплатен превоз со автобусите на јавното претпријатие, меѓутоа истиот не може да се спроведе без измена на буџетот на општината.
-Наспроти добриот предлог, таквите одлуки кои влијаат на буџетот не можат да се донесат без измена на буџетот. Годинава можеме да го направиме тоа, но за 2021 немаме буџет, затоа што републичкото Собрание сè уште не го усвоило, напиша Ахмети.