Поранешниот косовски премиер, лидерот на опозициската Алијанса за иднината на Косово, Рамуш Харадинај денеска му одаде почит на американскиот сенатор Боб Дол, положувајќи цвеќе кај неговиот споменик во косовската престолнина, јави дописникот на МИА од Приштина.
Во објава на својата фејсбук страница по тој повод, Харадинај предложи косовските институции да прогласат ден на жалост во чест на Дол.
– Поклон со почит за херојското дело на сенаторот Боб Дол. Предлагам косовските институции да прогласат ден на жалост во негова чест, напиша Харадинај.
Сенаторот Дол почина во понеделникот, на 6 декември, на 99-годишна возраст. Во Косово, како и воопшто меѓу Албанците, тој се смета за голем пријател на албанскиот народ и еден од најголемите американски лобисти, со големи заслуги за осамостојувањето на Косово.
Боб Дол трипати учествуваше во трката за републикански претседателски кандидат. Тој загуби од Роналд Реган во 1980 година, потоа од Џорџ Буш во 1988 година и на крајот доби номинација во 1996 година, но изборите ги изгуби од демократскиот кандидат Бил Клинтон.
Дол се врати крунисан со медали, но тешко ранет, од Втората светска војна и повторно научи да оди и да владее со телото, освен со десната рака.