Косовскиот премиер Рамуш Харадинај го разреши министерот за администрација и локална самоуправа од редовите на Српската листа Иван Теодосијевиќ, затоа што ги нарече Албанците „измамници и крвопијци“, а масакрот во Речак во 1999 година „измислица“, јави МИА од Приштина.
Медиумите на албански јазик во Косово денеска објавија снимка на која Теодосијевиќ на 24 март во Звечане ги изнесува обвинувањата на одбележувањето на 20-годишнината од почетокот на нападите на НАТО против Србија.
– Повод за агресијата врз нашата држава беше таканаречената хуманитарна катастрофа во Косово и Метохија. Масакрот во Речак е чиста измислица, а албанските терористи се тие кои го измислија сето тоа и ги извршија најголемите злосторства во Косово и Метохија. За тоа до денес никој не поднел одговорност. Вршеа злосторства пред агресијата на НАТО, убиваа добри српски домаќини и полицајци на нивните работни места. Нивното крвопијство го продолжија и за време на агресијата и по доаѓањето на таканаречената мировна мисија во Косово и Метохија, изјави Теодосијевиќ.
По објавувањето на информацијата и бројните реакции во косовската јавност, Харадинај попладнево преку својата страница на Фејсбук информира за одлуката за разрешување на министерот, порачувајќи дека „не може да се толерира таквиот јазик на омраза“ од еден член на неговиот кабинет.
– Денеска донесов одлука за разрешување на министерот за администрација и локална самоуправа Иван Теодосијевиќ. Не може да се толерира таквиот јазик на омраза од страна на споменатиот министер. Несфатливо е како еден до денеска наш колега се изразува со толкава омраза и навреди за жртвите на Речак, за другите жртви на режимот на (Слободан) Милошевиќ и како го прифаќа и одобрува теророт на тој режим. Ова не се оправдува. Во Владата која јас ја водам нема да има место за никого кој на било кој начин ги навредува другите по етничка, расна, верска или друга основа, ниту за тие кои ги оправдуваат таквите политики, објави Харадинај, нагласувајќи дека одлуката стапува во сила веднаш.
Во јануари 1999 година српските сили убија 45 мажи, момчиња и старци во селото Рачак во централно Косово. Официјален Белград тврдеше дека станува збор за „албански терористи“, меѓутоа известувачите на ОБСЕ, како и светските медиуми, јавија дека е очигледно оти станува збор за егзекуција на невооружени цивили.
Пред петнаесетина дена, Харадинај ја разреши и заменик министерката за правда Весна Микиќ, која, исто така по повод годишнината од бомбардирањето на Србија, изјави дека интрервенцијата на НАТО претставувала геноцид против српскиот народ, а борците на Ослободителната војска на Косово (ОВК) биле терористи.
Партијата на Теодосијевиќ и Микиќ, Српската листа, од воведувањето на таксата од 100 отсто на српскиот увоз од страна на Владата во Приштина реши да делува опозициски, меѓутоа сепак ги задржува министерските и другите функции во кабинетот на Харадинај