Претседателот на Косово и еден од основачите и политички лидер на Ослободителната војска на Косово (ОВК) Хашим Тачи тврди дека оваа воена формација во војната во 1998-99 година немала повеќе од 12 илјади борци, јави дописникот на МИА од Приштина.

Тачи изјавата ја даде на Регионалната конференција за борба против корупцијата која денеска се одржува во Приштина.

– Немаше повеќе од 12.000 борци на ОВК. Другите се измамници, рече Тачи, кој ги повика земјите учеснички и меѓународните организации да ги идентификуваат регионалните предизвици во борбата против корупцијата и да преземат конкретни чекори за нивно надминување.

Во Косово е покрената широка дебата, но и истрага од надлежните органи за лажните воени ветерани, затоа што малкумина веруваат дека во војната ОВК имала над 35.000 борци, колку што има на листата на ветерани и кои уживаат државни бенефиции.