Сите косовски граѓани, кои беа вратени од зоните на конфликтот во Сирија се отпуштени од Центарот за странци во приштинското село Вранидол, каде што беа сместени од саботата, јави МИА од Приштина.
Веста ја објави Специјалното обвинителство на Косово, наведувајќи дека против 32 вратени жени е покрената истрага за евентуални врски со терористичката организација Исламска држава (ИД).
Од Обвинителството за Радио слободна Европа потврдија дека тие жени и порано биле под истрага, но таа била прекината поради тоа што осомничените не биле достапни.
Ноќта меѓу петокот и саботата во Косово, со авион со американски обележја, беа вратени 110 државјани на Косово од Сирија.
Како што објави директорот на полицијата на Косово, Рашит Ќаљај, вратени се четворица борци на ИД, кои веднаш биле уапсени и им е одреден притвор, како и 32 жени и 74 деца. Девет од вратените деца се без родители и тие денеска им се предадени на нивните блиски.
Над 300 косовски државјани се проценува дека заминале во Сирија во изминатите шест-седум години за да војуваат на страната на исламските екстремисти.
Над 70 од нив се убиени, додека голем број жени и деца останаа и натаму во воените зони.
Според податоците на косовската полиција, во февруари годинава во Сирија се наоѓале 44 жени и 48 деца.
Бројот на борци од Косово кои и натаму се наоѓаат во воените зони изнесува 56, објави полицијата на 25 февруари годинава.
Лицата кои учествуваат во војни во странство, според косовските закони, можат да бидат осудени на казна затвор до 15 години.