Институтот за јавно здравство на Косово (ИШПК) објави дека во текот на вчерашниот ден во земјата се потврдени нови 36 случаи кои, од извршените испитувања во текот на денот имаа позитивенм наод на Ковид-19, со што официјалната бројка на заразени со новиот вирус во земјата достигна до 423, јави дописникот на МИА од Приштина.
Според синоќешното соопштение на ИШПК, вчера во неговата Лабораторија за молекуларна микробилогија се тестирани примероците на 173 лица за кои постоело сомневање дека се можни носители на вирусот. Вкупната бројка на тестирани од 8 февруари, заклучно со вчерашниот ден, изнесува 3.720.
Најмногу од новозаразените, вкупно деветмина, се од општина Урошевац, која е новото жариште на епидемијата во Косово со вкупно 66 заболени, четири помалку од Малишево, каде што денеска е регистриран еден нов случај. Осуммина се од Каменица, петмина од Призрен, тројца од Ѓаковица, по двајца од Приштина и Северна Митровица и по еден од неколку други општини низ Косово.
Вчера се евидентирани и нови пет лица излекувани од новиот коронавирус, согласно методите пропишани од Светската здравствена организација, со што бројката на лица кои ја пребродиле заразата се зголеми на 71.
ИШПК објави дека во средата во земјата е регистрирасн и еден нов случај на починат од Ковид-19, така што бројот на жртви на пандемијата во Косово изнесува девет.