Претставници на Стопанската комора на Косово и други здруженија на работодавачи предупредија на тешки последици откако почна исклучувањето од мрежата на околу 1.300 компании кои не потпишале договор за снабдување со електрична енергија на отворениот енергетски пазар.
Само вчера, во првиот ден од спроведувањето на одлуката на Регулаторната канцеларија за енергија на Косово (КРЕ), биле исклучени 450 компании, во кои работат повеќе од 20.000 луѓе.
Според одлуката на КРЕ, екипи на Косовската електродистрибутивна компанија (КЕДС), придружувани од полиција, започнале со исклучувања од мрежата на компаниите кои требало да преминат на снабдување преку отворениот пазар, но не успеале да склучат договор со лиценциран снабдувач.
„Денеска започнавме исклучување на над 1.400 мерни места на комерцијални потрошувачи кои и покрај нашите постојани апели не потпишаа договор со снабдувач, иако ги исполнуваа условите за излез на отворениот пазар на електрична енергија“, се наведува во синоќешното соопштение на КЕДС.
Стопанската комора на Косово соопшти дека примила бројни жалби од компании кои тврдат дека биле исклучени и покрај тоа што претходниот ден склучиле договори.
„Има и фирми кои не ги исполнуваат законските критериуми за излез на отворениот пазар, а и ним им е прекинато снабдувањето. Тоа најдобро покажува дека процесот што го спроведува КРЕ е неподготвен“, стои во реакцијата на Комората, која повика на прекин на исклучувањата и враќање на дијалогот.
Косовската алијанса на бизниси објави и видео во кое претставник на компанија тврди дека бил исклучен иако претходниот ден потпишал договор.
Во реакција на Стопанската комора за трговија и индустрија се наведува дека одлуката ќе има сериозни последици:
„Оваа произволна и неодговорна мерка ќе ја зголеми цената на струјата за два милиона граѓани, ќе загрози најмалку 22.000 работни места и ќе ја поткопа економската и социјалната стабилност“, се наведува во соопштението.
Здружението на производители предупреди дека најтешката последица ќе биде целосен прекин на деловните активности.
„Прекинот на снабдувањето со струја ќе донесе тешки последици – стопирање на производството, губење на работни места, зголемување на цените за потрошувачите, нарушување на договори со меѓународни партнери и намалување на конкурентноста на косовските компании на странските пазари“, се наведува во нивната реакција.
КРЕ на 13 август ги предупреди компаниите дека ако не потпишат договори до 16 август, ќе бидат исклучени од мрежата. Одлуката следуваше по пресуда на второстепениот суд, кој реши во корист на КРЕ и овозможи продолжување на процесот за излез на 1.300 компании на отворениот пазар.
Според законот, компаниите со најмалку 50 вработени или годишен обрт над 10 милиони евра мора да се снабдуваат на отворениот пазар. Во Косово такви компании има околу 1.300.