Денеска од Христијан Мицкоски ја слушнавме истата стара приказна, на нова повторувачка прес конференција. Фејсбук статусот на Никола Груевски напишан во афект во 3 часот по полноќ, излезе низ устата на Христијан Мицкоски, изјави на прес конференција пратеникот на СДСМ, Костадин Костадинов.
Според него, Мицкоски сонува за две опции: Прво, Македонија да му даде амнестија на Груевски, второ Македонија да се откаже од НАТО и ЕУ.
-Единствено за Мицкоски, и само за него, договорот со Грција е мртов. Во момент кога цел свет дава поддршка на Македонија, Мицкоски му врти грб на целиот свет, само за да го спаси Груевски. Мицкоски е против цела Македонија и против целиот демократски свет, вели Костадинов.
-Она што Мицкоски денеска го побара е спротивно од она што граѓаните го очекуваат и заслужуваат. Затоа, бадијала сонува, овие желби на Мицкоски нема да се остварат. Огромно мнозинство од над 80 проценти од граѓаните се за НАТО и ЕУ и затоа стратешката определба на Македонија мора да биде почитувана, вели тој.
Пратеникот на СДСМ смета дека, ако раководството на ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски по секоја цена одат спротивно од тоа, тогаш единствен излез се предвремени парламентарни избори, организирани веднаш.
-Истото тоа огромно граѓанско мнозинство очекува правда над криминалите на фамилијата. Затоа, нема амнестија за криминалот. Македонија ќе биде членка на НАТО и ЕУ, без разлика дали Мицкоски се противи на тоа или не, рече Костадинов.