Значењето на Охридската архиепископија и МПЦ е огромно и непроценливо, преку нејзината вековна мисија и традиција, македонскиот народ го зачувал својот јазик и својот идентитет. Но, и после толку поминати години, за жал сеништата од минатото повторно се појавуваат и го вознемируваат македонското битие. Ова е дел од пораката на  Митрополитот Повардарски г. Агатангел по повод 60 годишниот јубилеј од обновата на Охридската архиепископија.

Тој се осврна на тешките мигови со кои се соочува нашата држава, и македонскиот народ, доведени во ситуација да се борат за уставното име на Татковината.

-Денес не само што се одрекува македонската црковна автокефалност,туку се негира и македонскиот национален идентитет,а се загрозува и опстојот на македонската држава.Преку перфидни предлози и лицемерни решенија му се нуди на македонскиот народ самоукинување и автогеноцид. Овие современи Понтиј Пилати и апостоли на немирот, надоградени со заслепувачка безумна омраза и високото мислење на себе, со години ја пеплосуваат македонската душа, го вознемируваат и разединуваат народот по сите основи, потенцира Митрополитот Повардарски г. Агатангел.

Но, како што рече, македонскиот народ е умен, трпелив и сталожен, ги знае своите потреби и интереси, донесува правилни одлуки тогаш кога се загрозува неговото достоинство и неговото право на живот и постоење.

Во Охридската архиепископија пред повеќе од еден милиниум се удриле темелите врз кои се градел целиот напредок и сиот духовен развој на православниот народ во древна Македонија,затоа годинава,рече тој, ја прославуваме илјада годишнината од нејзиното формирање.

-Малку народи како нас Македоннците во светот имаат можност да прославуваат вакви јубилеи и значајни историски настани.Ова е историски настан, а не како што ни навестуваат некои.Токму Охридската архиепископија е потврда за древноста на македонскиот народ и неговата цивилизација, која на Европа во наследство и оставила огромни и бесценети духовни вредности, заклучи Митрополитот Повардарски г. Агатангел.