Во последните денови пред најзначајната одлука во историјата на независна Македонија, Христијан Мицкоски се обидува да ја напаѓа македонската иднина, вели Костадин Костадинов, пратеник од СДСМ и коалицијата, и дел од Коалицијата ЗА европска Македонија.
– Во вчерашното обраќање, Мицкоски се обиде да ги оспори сите важни случувања од поновата историја кои на Македонија и донесоа мир и стабилност. Дали Мицкоски смета дека во турбулентните 90-ти не требаше да влеземе во ООН? Дали според Мицкоски во 2001 година не требаше да се склучи рамковниот договор и не требаше да запре воениот конфликт? Дали на Мицкоски му пречи силната поддршка што Македонија ја добива од целиот свет? Настапот на Мицкоски покажува дека тој има проблем со подобрата иднина и перспективите што се отвораат пред граѓаните на Македонија. Зошто Мицкоски не сака Македонија да оди напред и зошто работи против македонската иднина? Никаде досега не е познато, лидер на политичка партија да нема став за најважното прашање за иднината. Никаде не се видело лидер на најголема опозициска партија да не сака да ја види својата земја напред во подобра иднина, вели Костадинов во соопштението испратено од неговата партија.
Очигледно е, продолжува тој, Мицкоски не сака Македонија да успее.
– Мицкоски може да биде уште порадикален, може да фрла со дрва и камења кон македонската иднина, но за среќа Мицкоски не е тој кој одлучува. Одлучуваат граѓаните чие мнозинство е силно определено за иднина во ЕУ и НАТО. Одлучуваат граѓаните кои ќе излезат и ќе гласаат на 30 септември. Одлуката ја носи огромното мнозинство кое ќе каже „за“ европска Македонија. Мицкоски очигледно останува изолиран на браникот на криминалите, вели Костадинов.