Полека но сигурно, Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ се претвораат во грчката Златна Зора, истакна на денешната прес конференција портпаролот и пратеник на СДСМ, Костадин Костадинов

– ВМРО-ДПМНЕ го извалка големиот државен празник 8 септември – Денот на независноста. Посветена на одбрана на криминалот, ВМРО-ДПМНЕ не испрати делегација на оддавањето почит на поранешните претседатели Киро Глигоров и Борис Трајковски. Со тоа, ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски покажаа непочит кон државата, кон историјата, кон денот на независноста и кон првите двајцата македонски претседатели. ВМРО-ДПМНЕ продолжува да сее омраза и да поттикнува насилство. Последен пример за тоа е палењето на сликите на премиерот Зоран Заев и министерката за одбрана Радмила Шекеринска во Австралија. ВМРО-ДПМНЕ и нивната реторика се директни поттикнувачи на вакви срамни инциденти. Со ваквите постапки, ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш покажа дека се однесува деструктивно, на штета на граѓаните и државата. Одново се докажа дека единствената мисија на ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски е одбрана на криминалот, ширење поделба и омраза помеѓу граѓаните и оддалечување на државата од ЕУ и НАТО, рече Костадинов.

Во обвинувањата за опозицијата која „е виновна за се во Македонија“, Костадинов вели дека „полека но сигурно, Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ се претвораат во грчката Златна Зора“.

– Наместо да се приклучат кон процесот за обезбедување на сигурна иднина за земјата тие разгоруваат национализам и потхрануваат лажни очекувања кај своите гласачи. Ниту Мицковски, ниту Груевски не можат да ги вратат процесите назад. Тешка лага е дека ќе го поништат Преспанскиот Договор. Така зборуваа и за Времената Спогодба па не само што ја прифатија туку и ја прогласија за дипломатски триумф. ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски и Груевски нема да успеат да ја вратат државата во темното минато на насилство, поделби и изолација. РС Македонија оди напред како едно општество за сите, без разлика колку и тоа да е неприфатливо во белиот дворец, рече портпаролот на СДСМ.