По објавата на лидерот на СДСМ Венко Филипче дека партијата за градоначалник на Струмица ќе го кандидира општинскиот претседател на партијата Марјан Даскаловски, актуелниот градоначалник Костадин Костадинов на Фејсбук објави дека го замрзнува членството во СДСМ додека не се смени партиското раководство.
-Мојата партиска припадност од денес е замрзната во СДСМ, не со ова раководство, не додека СДСМ не се врати таму каде што и е местото, најмалку каде што е сега. Ова не е крај. Ова е моментот кога човекот мора да зборува чесно, и од срце. Во изминатите 11 години, од 2013 наваму, не изгубив ниту едни избори. Не затоа што бев најгласниот. Не затоа што бев најсилно партиски поддржан. Туку затоа што луѓето гледаа нешто друго во мене: работа, доследност и љубов кон градот. Јас не сум случаен градоначалник. Јас сум дете на оваа земја, на оваа улица, на овој пазар. Секој проект, секој парк, секоја пешачка патека – ги градев како да ги правам за моето семејство, објави Костадинов.
Актуелниот градоначалник додава дека во сегашната политичка слика, неговата кандидатура од која било партија е бесмислена.
-Не затоа што се плашам од пораз. Јас не знам што значи да изгубиш избори. Туку затоа што нема вистинска понуда за градот. Нема суштинска дебата. Нема нова визија. Нема предизвик. А човек што нема предизвик – ќе победи, но ќе тапка во место. А тоа е пораз што не го прифаќам. Паметно е да направиш чекор назад кога немаш конкуренција, за да ја видиш планината од дрвото кое што сега ти ја крие. Во мојот дом, со моите најблиски, отворивме душа. И решивме: Да, сè уште можам. Да, и понатаму ќе победувам. Но не сакам да бидам градоначалник по инерција. Сакам да бидам избор по потреба, по убедување, по визија. А во моментов – нема таква трка без реална конкуренција и со немање стратешка партиска поставеност по хоризонтала и вертикала, пишува во објавата Костадинов.
Тој најавува дека во следните месеци ќе започне со креирање на ново интерпартиско делување, кое ќе го презентира по завршувањето на локалните избори.
-Мојата стратешко-политичка одлука за делување во СДСМ или можеби надвор од СДСМ ќе биде јавно кажана во два дела. Првата ќе биде септември, конечната по завршување на овие локални избори. До тогаш посакувам среќа да се победи во барем една општина, вели Костадинов во објавата на Фејсбук.
Тој доцна синоќа објави дополнение на ставот околу изборот на кандидати за градоначалници:
– Свесен за тешката состојба во која се наоѓа мојата партија, од безидејноста, сакам да помогнам за жал нема како… Во следните месеци, ќе започнам со креирање на ново интерпартиско делување, кое ќе биде презентирано по завршувањето на локалните избори. Целосно прецизна стратегија, доволно мотивирачка за да обедини авторитети што ѝ недостигаат на СДСМ, тешки за да бидат непривлечни за политичките авантуристи, и доволно забавни за да се пронајдат младите… Мојата стратешко политичка одлука за делување во СДСМ или можеби надвор од СДСМ ќе биде јавно кажана во два дела. Првата ќе биде септември, конечната по завршување на овие локални избори. До тогаш посакувам среќа да се победи во барем една општина, објави Костадинов.
Тој деновиве беше во центарот на вниманието на јавноста по отворените закани по живот кон новинарот Драган Павловиќ – Латас.