Граѓаните на општина Бутел чувствуваат дека се заборавени, како тој дел од градот да е практично заборавен. И тоа е така затоа што за време на овие четири години додека е актуелниот градоначалник Велимир Смилевски, буквално не е реализиран ниту еден проект од тоа што го вети тој во предизборната кампања и сметам дека е одземено и достоинството на граѓаните на Бутел, вели Дарко Костовски, актуелен пратеник и кандидат за градоначалник на општина Бутел во интервју во емисијата Што не е јасно на ТВ Алфа, додавајќи дека токму тоа е неговиот мотив зошто се кандидира за градоначалник.
И некако чувствував дека треба тоа достоинство да се врати и силно чувствувам дека јас и мојот тим тоа можеме да го направиме, тоа е мојот мотив, рече тој.
Костовски обвини дека четири годишниот мандат на Смилевски се свел на префарбување на училишни огради и косење на тревници, посочувајќи дека тој лично и го очекувал и бил убеден дека Смилевски ќе ја реализира програмата знаејќи го неговиот тим.
Уште на минатите локални избори, знаејќи го тимот на Велимир Смилевски бев убеден дека нема ништо од тоа што го ветуваат да го исполнат. Така што можам слободно да истакнам и стојам позади тоа дека буквално ниту еден од клучните проекти кои што беа ветени во таа програма не е реализиран. Мандатот на Смилевски се сведе на префарбување на училишни огради, косење тревници, и по некоја минимална асфалтирана уличка со мала површина и тоа е навистина срамота. Ниту еден капитален проект од тие што се ветени, не се реализирани, вели Костовски.
На прашањето кои се горчливите проблеми со кои се соочуваат бутелчани, Костовски рече дека тоа е изградбата на Поликлиника во Бутел.
Најгорчлив проблем, а она што за нас ќе биде приоритет во програмата и за кој што сум сигурен дека ќе го реализираме, а тоа е апсолутно Поликлиника во Бутел. Бутел е единствена општина во која нема Поликлиника и навистина тоа е жално. Потоа минимум две детски градинки за да се растерети капацитетот во детските градинки бидејќи во моментот е преполно. Исто така на Бутел му се потребни два модерни паркови во населба Радишани и во Бутел 1. На Бутел му се потребни и за жал некои основни егзистенцијални потреби како во населените места Бел Камен и Кучевачка Бара каде што се уште нема одвод, Велимир Смилевски вети дека ќе направи а нема ништо од тоа. понатаму на жителите од Љуботен им е потребно вода за пиење, изградба на нов водовод Љубанци бидејќи и таму има проблем, рече Костовски.