Претседателот Стево Пендаровски во јануари или февруари имал средба со нивните служби, а на таа средба станало јасно дека тој е иницијатор на „црните списоци“, изјави за БТВ бугарскиот европратеник Андреј Ковачев.
Според Ковачев, на овие листи се појавиле и европратеници и дека на црниот список 99 отсто биле Бугари.
– Може да воведат декларации на границата и ако потпишете дека Гоце Делчев се дефинирал како Бугарин, нема да можете да влезете во земјата, вели Ковачев.
Според него, прашањето со нашиот сосед е многу долго, а неговиот почеток датира од 90-тите години, откако Бугарија го поддржала создавањето на Македонија по распадот на Југославија.
– Бевме толку возбудени што не сметавме дека е потребно да ги разјасниме нашите проблеми надвор од територијата на Бугарија. Мислевме дека на братски начин ќе успееме да го надминеме повеќедецениското преклопување, омразата и фалсификатите и на тој начин самите да ги надминеме проблемите, потенцира Ковачев.
Натаму додава дека „Бугарија повеќе од 25 години молчела на оваа тема, но увери дека во секоја декларација во ЕУ пишува за дискриминација на Бугарите“.
– Бугарија не се однесува со С. Македонија како што се однесува Русија со Украина, вистината е спротивна. Човековите права се клучни за ЕУ. Во Скопје ако тврдиш дека си Бугарин е проблем. Оваа земја е кандидат за Европската Унија. Го повикувам Националното собрание итно да ги усвои измените на законот за бугарско државјанство, рече Ковачев.
За историската комисија вели дека е апсолутно блокирана и не работи.
– Вистината за историјата не може да ги дискриминира луѓето што живеат сега. Нема шанси да нè натерате да молчиме за дискриминацијата и историските факти, вели европратеникот Ковачев.
На петмина бугарски државјани, меѓу кои и Ковачев, неодамна им беше забранет влез во Македонија. Од МНР посочија дека дел од групата од петтемина бугарски државјани на кои им било забрането да влезат во Македонија на 6 мај биле и лица за кои МВР имало сознанија оти претставуваат ризик по јавниот ред и безбедност.
Но, од МНР додадоа дека европратеникот Ковачев не е еден од нив, но службите донеле одлука да му го забранат влезот и нему поради групата со која патувал.