Парламентарната трка не е завршена, ако некој не го освоил мнозинството од 61 пратеник за формирање на влада значи ги изгубил изборите, вели лидерот на СДСМ Ковачевски.

Тој се уште нема концизен одговор дали има шанси неговата партија да ја поддржи ВМРО-ДПМНЕ доколку се случи сценариото тие да победат, а се соочат со услови или уцени од албанските партии. Според него за ова ќе се разговара по конечните резултати од изборите во среда.

-Тој што не може да формира влада значи изгубил на изборите, бидејќи влада се формира со минимум 61 пратеник. Ќе видиме какви ќе бидат резултатите од изборите на 8 мај, бидејќи изборите уште не се завршени. Тогаш ќе може да се разговара за формирање на влада. Чекајте, полека, па ние сме на избори конкуренти со ВМРО-ДПМНЕ, осми нека дојде па ќе видиме. – Димитар Ковачевски – претседател на СДСМ

На прашањето како ја коментира националистичката реторика од партиските митинзи, како што се скандирањата за УЧК од ДУИ, Ковачевкски рече дека ги осудува и нив, но и пораките кои ги возвраќаат од опозицискиот табор.

-Јас веќе ги имам осудено изјавите и на господинот Ахмети во однос на несоодветното скандирање на плоштадот Македонија, бидејќи тие се анахрони скандирања и не враќаат 20 години наназад во едно закопано минато коешто сме го надминале со Охридксиот рамковен договор и членството на НАТО… Исто така упатив порака и до претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и нивниот претседателски кандидат Силјановска дека националистичка реторика не води никаде.- Димитар Ковачевски – претседател на СДСМ

Кампањата за парламентарните и претседателските избори ќе трае уште четири дена. Според најавите од првиот човек на ДИК Даштевски, резултатите од гласањето за двата процеса може да се очекуваат уште истата вечер на 8 мај.