Димитар Ковачевски во четврток ја напушта премиерската фотелја, но не попушта и тера инает – бара од наследникот Талат Џафери до Собранието да достави предлог за техничка влада без имињата на предлозите на ВМРО-ДПМНЕ за министри. Упорно тврди дека никаде во светот немало ситуација во која некоја партија предлага министри, а не гласа за нив, објавува телевизија Алфа.
-Не може некој да се однесува како 13-годишно дете, јас ќе предложам и нема да гласам, нема да гласам ова, нема да гласам она. Значи, секој мора да биде сериозен. Никаде во свет нема да предлагате министри а друг да ви ги гласа. Еве, најдете ми еден пример кај што некој предложил министри и барал да му ги гласа некој друг, рече Ковачевски.
Но, премиерот или лаже или намерно заборави никаде во светот всушност е во Македонија. Токму партијата што сега ја води, СДСМ го има направено истото пред 8 години. Во 2016 година, кога во Собранието се гласаше првата пржинска влада, во која предлози за министри беа Оливер Спасовски и Фросина Ременски, СДСМ не гласаше. Владата на Емил Димитриев беше изгласана со 72 гласа за и 9 воздржани. Дури и Спасовски и Ременски не ги удостоија пратениците со своето присуство.
Најдоцна до недела на полноќ, Македонија ќе ја добие третата преодна влада, предводена од Талат Џафери. Оваа Влада се бира сто дена пред парламентарните избори на 8 мај, а две недели претходно, на 24 април, ќе се одржат претседателските избори. Кадровското екипирање на техничката влада е во тек, и се очекува да заврши до петок. ВМРО-ДПМНЕ најавија дека до крајот на неделава разговара и ќе предложи свои кандидати за сите отворените места кои треба да им припаднат.