Ниту поранешниот, ниту сегашниот директор по 8 мај ќе ја водат Агенцијата за млади и спорт, имаме нови кадри за државните институции, изјави лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски.

На прашањето за коментар за кривичната пријава против поранешен и актуелен директор на Агенцијата за млади и спорт и дали ќе побара одговорност од функционерите сопартијци, Ковачевски рече дека обвинителството треба да работи независно и согласно законите и на секој поединец да му овозможи фер процес во кој ќе може да се изложат доказите. Партија, додаде, не води судски случаи, туку обвинителството.

„Едниот не е веќе директор, вториот по 8 мај секако дека нема да биде директор, било да сум јас премиер или не, со оглед на тоа сигурно доколку граѓаните се определат да дадат доверба на СДСМ и на коалицијата За европска иднина да формираат влада, тогаш ќе имаме многу нови кадри кои ќе управуваат со институциите“, рече Ковачевски по средбата во Стопанската комора на северозападна Македонија.

По иницијатива на Антикорупциската комисија од претходниот состав, скопското обвинителство на 30 април однесе обвинителен предлог до Кривичниот суд против 12 лица од Агенцијата за млади и спорт, но и против лица од Македонскиот олимписки комитет, за злоупотреба на службената положба и за несовесно работење.