Генералниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски на средба со амбасадорката на Украина, Лариса Дир и заменик-амбасадорот Роман Буга, вети помош во обновата на електро-енергетскиот систем во Украина.
На средбата, соопшти ЕСМ, се разговараше за тешката состојба во енергетскиот сектор во Украина, како последица на воените дејствија од конфликтот со Русија, што доведе еден милион жители на Киев да живеат без струја и вода, во крајно тешки услови.
Амбасадорката Дир побара помош од страна на АД ЕСМ со цел да се даде придонес во обновување на инфраструктурата за производство на електрична енергија во Украина.
– ЕСМ ќе вложи напори да им помогне на граѓаните на Украина, искажувајќи грижа не само за нашите граѓани во границите на Р. Северна Македонија, туку и за сите луѓе кои с е соочуваат со предизвици и на кои може да им се помогне, велат од ЕСМ.
ЕСМ ќе помогне со опрема и делови кои ги има на залиха, а кои во моментот не се неопходни за користење.
Покрај за производството на електрична енергија, од украинската амбасада беше побарана помош и за преносниот систем за електрична енергија, за што ќе треба да помогнат другите субјекти во електро-енергетскиот систем.