На синоќешниот митинг во Кисела Вода на СДСМ, Ковачевски рече дека немало да тргува со иднината на државата, а упати и низа критики за неговиот поранешен сопартиец, пренесе Канал 5. Според него, СДСМ е единствената партија наследник на НОБ и АСНОМ, а граѓаните и гласачите на партијата веќе ја препознале, како што рече, измамата која им е сервирана од страна на ЗНАМ и непринципиелните коалиции.
-За разлика од субјектите како „ЗНАМ“ кои се човек-партија, СДСМ се државничка партија со длабоки и силни корени. СДСМ не прифаќа условувања и со никого не прави политички дилови. Раководството на СДСМ го бираат членовите на СДСМ кои се наследници и на НОБ и на АСНОМ и на Киро Глигоров, а не вазали кои се предале и отишле да шуруваат со наследниците на Ванчо Михајлов.
Но, една работа ќе им порачам, на крајот на денот предавникот не го сакаат дома, меѓутоа уште помалку го сакаат надвор од дома, рече Ковачевски.
Димитриевски од првомајскиот пикник на ЗНАМ од Пелинце му возврати на Ковачевски дека навредите уште еднаш ја покажале ароганцијата на партискиот врв на СДСМ.
Во изјавата за медиумите Димитриевски не одговори на повикот од Мицкоски, кој од митингот во Струмица демантираше дека имале соработка со Заев. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ оттаму уште еднаш побара од првиот човек на ЗНАМ да се изјасни дали ќе ја поддржи Силјановска или Пендаровски во вториот круг од изборите..
-Наместо да работат за интересот на народот и на Македонија, и да измислуваат триста глупости и изговори, зошто сме контактирале со овој зошто сме контактирале со оној.. Еве да му одговорам на оној претседателски кандидат, којшто постави прашање кукавички денеска дека ВМРО-ДПМНЕ кокетирало де со овој-де со оној. Ниту со Ковачевски, ниту со Венко Филипче, ниту со Зоран Заев, ние комуницираме и сме во коалиција со народот на Македонија. Ајде кажи сега кого ќе поддржиш?, изјави Христијан Мицкоски – претседател на ВМРО-ДПМНЕ
Во пакетот услови, покрај оставки од раковдството и повлекување од пратеничките листи на носителите и коносителите, Димитриевски од СДСМ побара и гаранција дека нема да продолжат соработка со ДУИ.. За ова, како и за темата уставни измени – рече дека се согласува со ВМРО-ДПМНЕ.