Имаме јасна визија и конкретен план, како да обезбедиме европска иднина за нашите граѓани и да ги поправиме грешките, заедно со мојот тим ќе работам ден и ноќ да ги исполнам очекувањата на мнозинството граѓани, да живеат во европска Македонија, порача претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Димитар Ковачавески, на денешната заедничка прес-конференција со европратеникот од редовите на Социјалдемократската партија на Австрија, Андреас Шидер.
Ковачевски посочи дека во изминатиот период се направени грешки, кои ќе се поправат во наредниот период, но дека сепак СДСМ како партија успеа да ги исполни стратешките цели за државата.
-Можам точно да кажам дека ги знам грешките кои беа направени во текот на изминатите години и добро е да се признаат грешките. Бидејќи човек кој ќе ги признае грешките може и има план како тие да ги поправи во наредниот период. Ние, секако дека направивме грешки, свесни сме за тоа, но една работа ја направивме правилно. Ја задржавме земјата на европскиот пат и како партија и јас како претседател на СДСМ, докажавме дека кога напорно се работи, не постои недостижна цел. Со нас Македонија стана земја членка на НАТО, и е земја со отпочнати преговори со ЕУ, со заштитен македонски јазик и идентитет и со македонската култура како дел од мозаикот на европските култури. Имаме демократија во која секој може слободно да го каже своето мислење, без да шепоти, земја во која парите се враќаат назад кај граѓаните и се менаџираат одговорно исто така е одлика на нашето водење на државата, рече Ковачевски.
При тоа, Ковачевски потенцираше дека секој пат кога имало некое придвижување напред во годините од независноста на државата до сега, тоа било благодарение на владите предводени од СДСМ.
„Сетете се само на влегувањето во ОН, на добивањето на кандидатскиот статус за ЕУ, на влегувањето во НАТО, на отпочнувањето на преговорите со ЕУ. Се се тоа се процеси кои се предводени од претседатели или премиери од СДСМ. Така било и ќе биде и понатаму“, порача претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски.