Грижата за земјоделците и конкретно за лозарите е постојана и затоа резултатите се видливи и претставуваат дополнителна мотивација.
Ова денеска го истакна премиерот Димитар Ковачевски, кој учествуваше во симболичното закројување на винови лози во росоманско Трстеник.
– Денеска го празнуваме трудот на лозарите, го славиме виното и им оддаваме признание на винарите, како една од земјоделските дејности со најголем раст. Заедно со лозарите и винарите се радуваме на почетокот на нивната нова година и го славиме нашето македонско вино по кое сме познати и почитувани во светот. За да ги направиме нашите вина и винската индустрија уште поконкурентни во светски рамки, презедовме обврска да вложуваме во лозарството, рече Ковачевски.
Нагласи дека уште на почетокот на новата лозарска година, исто како и претходната, лозарите ги добија субвенциите за поддршка. Притоа додаде дека новиот циклус тие го стартуваат со финансиски средства кои ќе им помогнат со успех да ја затворат и оваа година.
И покрај економската криза предизвикана од пандемијата, додаде тој, количините продадено грозје кај регистрираните откупувачи е двојно поголемо од тоа во 2019 и 2020 година. Континуирано расте и количината на извезено вино од нашата земја и минатата година достигна вредност од 49 милиони евра.
– Нема веќе неизвесност за лозарите. Ветувањата кон нив со истото динамично темпо ги исполнуваме. Нашата долгорочна стратегија е сигурно производство и откуп на грозјето, а Владата е посветена на создавање амбиент за стопанисување кој ќе биде поволен и за лозарите и за винариите. Во таа насока е и поддршката за микро винариите. Сега тие се имаат можност да аплицираат за грантови во висина од 10.000 евра за опрема и консултантски услуги на енолози, за поефикасно работење и пласман на поквалитетни производи, информираше Ковачевски.
Дополнително, потенцира премиерот, во новата програма за финансиска поддршка во земјоделството, за да се анулираат зголемените трошоци за нафта, е предвидено зголемување на поддршката, конкретно за мерката зелена нафта.
– Мерките од ИПАРД Програмата, пак, се дополнителна поддршка за модернизирање и развој на оваа гранка преку инвестициии за изградба на винарници, набавка на опрема и друго. Дозволете ми уште еднаш да го честитам празникот на лозарите, Свети Трифун. Нека е аирлија и оваа година за лозарите и винарите. Уште многу години да го одбележуваме овој празник во овој наш преубав тиквешки крај и насекаде низ земјата каде што се негува виновата лоза, рече премиерот Ковачевски.
Празникот го честиташе и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски и посака успешна, плодна и бериќетна година.
– Од тука од Тиквешијата, од центарот на нашето македонско грозје и вино, од овие лозови насади, порачувам дека поддршката и грижата за оваа стратешка извозно оринетирана гранка продолжува.
И оваа година, како изминатите четири години, како што ветивме, субвенциите ги исплативме пред почетокот на новата производствена сезона. Над 9,4 милиони евра субвенции за лозови насади во петокот се исплатија на 13.854 лозари. Овие пари директно се враќаат кај лозарите, за да ги вложат во новото производство, за да произведат квалитетно грозје за производство на нашето познато македонско вино. Оваа исконска земјоделска гранка има огромна традиција во нашата земја. Затоа, од 2017-та наваму ставивме силен акцент на развојните мерки за лозарството и решавање на напластените проблеми, рече Николовски.
Заеднички, посочи, најдовме начин и ги вративме назад парите кај лозарите што им ги должеа дел од винарниците, за да можат повторно да инвестираат во лозовите насади и со тоа решивме еден долгогодишен проблем што ги тиштеше лозарите.
– За 20 отсто ги зголемивме субвенциите за лозарите кои имаат до 10 хектари и тие сега изнесуваат 48.000 денари по хектар. За подобрување на старосната и сортната структура, воведовме дополнителна поддршка од 12.000 денари по хектар за реконструирани лозови насади заради промена на сортната структура. Преку Програмата за рурален развој обезбедивме финансиска поддршка на саемските манифестации кои што се важни за промоција на македонските вина и инвестициски мерки за модернизирање на производството. Со олеснување н административните процедури, ги мотивиравме лозарите и винатниците да ги користат мерките од ИПАРД програмата, истакна министерот.
Тој нагласи дека од 2017-та година заклучно со последните исплати, за поддршка на лозарите за мерката за површина, се исплатени околу 45 милиони евра.
– Секогаш кога имаше потреба, кога лозарите се соочува со проблеми, помагавме со дополнителни мерки, исто како што помогнавме и во здравствено-економската криза предизвикана од КОВИД пандемијата. Вкупно за четири години за дополнителни мерки и преку КОВИД програмата за поддршка на лозарите исплативме над 15,5 милиони евра. Нашата интенција како политика е да ги стимулираме лозарите и винарниците да го модернизираат производството, и да даваме уште поголема поддршка за оваа стратешка земјоделска гранка. Со новата програма за финансиска поддршка во земјоделство 2022, која за прв пат е усогласена со европската регулатива, воведуваме авансна исплата на субвенциите. Оваа година како пилот мерка за овоштарите, а од следната година мерката ќе важи и за лозарите. Парите да ги добивате тогаш кога ви се најпотребни, рече Николовски.
Дополнително, потенцира, ја зголемивме поддршката на износот за кофинансирање на мерката за зелена нафта, поради зголемување на цената на нафтата. Колку што се зголемени трошоците за нафта толку изнесува и зголемувањето на поддршката за зелена нафта, се со цел да имате порентабилно производство.
– Но, не само примарното производство, нашата поддршка ја насочуваме и кон стимулирање на развојот на малите семејни винарии. Со новата програма за финансирање на микро земјоделски производители на вино што Владата ја усвои минатата недела, овозможуваме грантови до 10.000 евра за малите семејни винарии, ги стимулираме малите да го извадат својот квалитет на пазарот, што крајно ќе влијае врз зголемување на промоцијата на македонското вино и на Македонија како винска дестинација. Оваа Влада е партнер на лозарите и верувам дека со досегашните, но и со новите мерки што ги преземаме за лозаро-винарството, ќе стимулираме подигање на нови лозови насади, зголемување на производството на грозје и вино, отварањето на нови пласмани и освојување нови пазари, додаде Николовски, посакувајќи Свети Трифун да донесе богат род за сите лозари и винарници.
Закројувањето беше на лозовиот насад на АД ЗП ГД „Тиквеш“ од Кавадарци.