ИТ системот на Фондот за здравство е хакиран со помош на вирусот „ransomware“, а хакерите бараат откуп за да го ослободат.
Се работи за напад со ransomware. Тоа е дел од хибридната војна која се води моментално во Европа, покрај класичната војна што се води во Украина со нападот од Русија. На вакви напади беа изложени голем број институции во голем број држави особено членките на НАТО. Имаше сајбер напади во Албанија и Црна Гора. Моментално тимовите на Министерството за здравство и ФЗОМ и други институции работат со експерти од Германија и од други партнерски држави за да се реши проблемот со хакерскиот напад во Фондот за здравство бидејќи моментално не може да функционира трезорот и исплатата на финансиските средства по различни основи, рече премиерот Димитар Ковачевски на вчерашната прес-конференција.
Порталот МКД.мк од свои извори дознава дека хакерите бараат откуп од 2.000 биткоини за да му ги вратат сите податоци на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО).
Од Министерството за внатрешни работи велат дека таков податок немаат. Според нашите информации во оваа институција е хаос за да се средат податоците, а наводно хакерите побарале огромни суми во виртуелна валута за да ги вратат сите податоци, пишува МКД.мк.
Ransomware е малициозен софтвер кој користи шифрирање за да ги заклучи информациите на жртвата и потоа за нивно ослободување да се бара откуп. Критичните податоци на корисникот или организацијата се шифрираат за да не можат да пристапат до датотеки, бази на податоци или апликации. Потоа се бара откуп за да се обезбеди пристап. Ransomware често е дизајниран да се шири низ мрежата и да таргетира сервери за бази на податоци и датотеки, и на тој начин може брзо да ја парализира цела организација.
Германски експерти работат на надминување на проблемите што ги предизвика хакерскиот напад на датабазата на фондот за здравство. Според нив зачудувачки бил фактот што нападот се случил во време кога податоците се трансферирале на клауд.
Покрај од Германија на отстранување на проблемот се вклучени и експерти од други земји, изјави денеска премиерот Ковачевски. И министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски потврди дека истрагата за откривање на нападот е во тек.
Осигурениците во Македонија веќе половина месец се соочуваат со разни потешкотии за остварување на здраствените услуги зашто со хакеркиот напад, стотици илјади лични податоци на здравствените осигуреници, со адреси и матични броеви се во рацете на непознати луѓе. Како најпогодени од овој серверски хаос ќе бидат социјално загрозените граѓани.
Од фондот за здравствено осигурување побарале од сите јавни здраствени установи да им се достави потребната документација за исплата на плати до понеделник а анализите на експертите потврдиле дека немало проток на лични податоци на осигурениците.
– Анализата на експертските тимови утврди дека при сајбер нападот нема излевање на лични податоци надвор од базата на Фондот. Во однос на исплатата за боледувања, породилните отсуства и рефундациите со ставање во целосна функција ќе бидат исплатени сите обврски на ФЗО кон осигурениците и здраствените установи, стои во соопштението на Фондот за осигурување.
Матичните лекари деновиве рачно издаваат потврди за привремена спреченост на работа, и за добивање ортопедски помагала. Што се однесува за издавањето упат за специјалист како и за издавање рецепти тоа фукнкционира без проблеми бидејќи се реализира преку „Мој термин“.