Ако продолжиме со инвестиции и со градење инфраструктура, тогаш и задоволството на нашите граѓани ќе расте и ќе биде на ниво на државите поразвиени од нас, рече денеска премиерот Димитар Ковачевски кој заедно со министерот за економија Крешник Бектеши ја посети компанијата „Витаминка“ во Прилеп.
Според Ковачевски, да се биде премиер во време на светска криза, кога цените се на историски највисоко ниво по Втората светска војна, е голема одговорност.
Тој порача компаниите да ги користат мерките на Владата и да инвестираат, а државата е тука, нагласи, да им помогне и да го следи нивниот развој.
-Годината пред нас е полна со предизвици, но заеднички ќе ги премостиме. Со владиниот тим правиме се за да го заштитиме стандардот на граѓаните, а тоа го потврдивме и со покачувањето на минималната плата и пензиите. Обезбедивме помош за најранливите категории, како и енергетски додаток за околу 6.500 граѓани, а за 35.000 семејства овозможивме да продолжи Програмата за покривање на енергијата и огревот. Ја докажуваме одговорноста и посветено работиме за да ги заштитиме граѓаните од ценовни шокови, потенцира премиерот.