И по изборите во 2024 година ќе имаме Влада која што ќе биде предводена од СДСМ, како и претседател на државата, каков што може да предложиме само ние и, нормално, нашите коалициони партнери, вели премиерот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски.
Тој ова го гледал од последната анкета на Меѓународниот републикански институт (ИРИ) која покажала дека граѓаните се определени за европска иднина за државата.
– Доколку се погледнат внимателнo процентите на партиите кои се за европска Македонија и зачленување во ЕУ и партиите кои се за блокирање на тој процес, тогаш пак се гледа разлика и можете уште сега да го видите резултатот дека во 2024 ќе имаме претседател на држава којшто е за зачленување на Македонија во ЕУ, а таков можеме да предложиме само ние – СДСМ, нормално со коалиционите партнери, вели Ковачевски.
На анкетата на која се повикува Ковачевски, како што објавивме, граѓаните се изјасниле дека политичар на кого најмногу му веруваат не е ниту тој, ниту некој друг од неговите коалициони партнери, туку поранешниот премиер Никола Груевски. Сепак, Ковачевски е убеден дека СДСМ победуваат:
– Во 2024 година ќе имаме Влада која, исто така, ќе биде предводена од СДСМ и коалиционите партнери кои се за продолжување на европскиот пат на државата и зачленување на државава во ЕУ до 2030 година, рече Ковачевски.