Пратеничката група на СДСМ поднесе решение со кое се намалуваат функционерските плати и тоа е уставно издржано решение со кое се намалуваат коефициентите на избраните и именувани функционери, посочи претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, во интервју во Тема на денот на телевизија Сител.
-Тука се 21 министер, сите градоначалници, обвинители, судии, претседател на држава, членови на Парламентот и други избрани и именувани функционери. Некаде околу 1.100 на број кои со ова решение нема да добијат зголемување согласно зголемувањето на просечната плата, рече Ковачевски.
Во однос на следните чекори за платите на функционерите, Ковачевски порача дека е потребно да се направи решение кое што ќе биде усогласено со колективниот договор.
-Сметам дека следната година треба да се направи решение кое што ќе биде усогласено со колективниот договор. Бидејќи ако го погледнете општиот колективен договор во него веќе како основица ќе се зема просечната палта во 2025 година со соодветни коефициенти. И треба наредната Влада да работи токму на такво решение, рече Ковачевски.
„Уставно издржаното“ решение за кое сега говори Ковачевски доаѓа откако Уставниот суд лани донесе одлука за 78 отсто да се покачат сите плати на сите наведени во списокот на бившиот премиер Ковачевски, вклучително и на неговата плата. А сега Ковачевски е на списокот на бивши функционери кои ќе земаат апанажа, како што тој изјави, додека најдат нови решенија во нивните кариери.