Премиерот Димитар Ковачевски уверува дека за следната година државата ќе има доволно пари и тие ќе бидат под најдобри можни услови на пазарот. Смета дека производителите на основните прехранбени производи ќе ги намалат цените за најмалку 10 проценти, а во спротивно, како што вели, државата има механизми да интервенира за нивно намалување.
Тој вечерва во гостување на ТВ Сител, ги коментираше денеска објавените податоци за инфлацијата која во октомври достигна 19,8 проценти и истакна дека се работи постојано за намалување на цените и нејзино намалување.
-Нивото на инфлација е високо, не високо само кај нас, туку во сите држави и е резултат на порастот на цените и на гасот, на електричната енергија и на прехранбените производи. Не само што ме загрижува, туку тоа е нешто на што деноноќно работиме со министрите. Заради тоа донесовме одлука за цена на електрична енергија која ќе биде дадена на прехранбената индустрија за основните прехранбени производи, со цел цените да се намалат за најмалку 10 проценти. Затоа се донесе одлуката тие да се снабдуваат со струја преку ЕСМ со цена од 80 евра по мегават час, рече Ковачевски.
Намалувањето на цената на производите, како што посочи, нормално ќе доведе и до намалување на инфлацијата.
Прашан дали со сигурност ќе бидат намалени цените, Ковачевски потенцираше дека државата има механизми за тоа.
-Сите одлуки досега ги носевме низ инклузивен процес на договарање. Како што тоа беше во време на ковид кризата кога државата помогна со две милијарди евра и на граѓаните и на стопанството, така и сега во време на економско енергетската криза помага со 760 милиони евра. Сметам дека тоа што јавно го кажаа претставниците на стопанските комори на состанокот со министерот за економија, доколку е донесена таква одлука, за најмалку 10 проценти да биде намалена цената на овие прехранбени производи, дека тоа и ќе го направат. Но доколку не биде направено државата има механизми и може да интервенира, рече Ковачевски.