На вчерашното одбележување на смртта на нашиот најголем основач на македонската национална борба имаше претставници на Владата на ниво на министри и заменици-министри, рече денеска премиерот Димитар Ковачевски во одговор на новинарско прашање зошто вчера не присуствувал на чествувањата на гробот на Гоце Делчев.
– Јас се вратив, бев во Александрополис, на 3 мај беше настанот што траеше во текот на целиот ден, меѓутоа Владата имаше претставници на ниво на министри, заменици-министри на сите места каде што се чествува Гоце Делчев. Исто така и јас имав изјава која што беше проследена од медиумите, од МИА итн., на која што го одбележав овој голем ден, вчерашниот голем ден за македонскиот народ и за македонската револуционерна борба бидејќи вчера одбележавме смрт на нашиот најголем основач на македонската национална борба којшто цел свој живот го посветил и го дал за независна македонска држава во која што денес ние живееме, истакна Ковачевски.
Прашан дали во Александрополис имал билатерална средба со бугарскиот премиер Кирил Петков, Ковачевски кажа дека таму не се одржале билатерални средби.
– Се работеше за отпочнување на работите на Енерџи терминалот. Таму беше премиерот на Бугарија, нормално, ние се видовме, меѓутоа тоа беше протоколарна средба во рамки на отпочнувањето на работите. Таму беа и високи претставници, односно амбасадорите на САД од земјите во регионот вклучително и амбасадорот во Грција, во нашата држава, во Бугарија каде што исклучиво се разговараше за енергетската трансформација, зголемување на енергетската независност на регионот бидејќи знаете дека најголемиот број од државите овде се стопроцентно зависни од руска нафта и добро е да има капацитети коишто ќе овозможат диверзификација и коишто ќе ни овозможат пристап до други добавувачи и извори на енергенси во државата, истакна Ковачевски.