Процесот на уставни измени е внатрешно прашања на РС Македонија, што е и обврска поврзана со пристапните преговори со ЕУ, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски, одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференцијата во Владата посветена на годишниот извештај на работата на АД ЕСМ.
-За барањето на Бугарија во однос на нивното учество веќе се произнесе министерот за надворешни работи (Бујар Османи з.н.) и јас целосно се согласувам со неговата изјава. Тоа е дека процесот на уставни измени претставува внатрешно прашање на РС Македонија, што е обврска поврзана и со пристапните преговори со ЕУ, рече Ковачевски.
Премиерот нагласи дека станува збор на одлука, која е исклучиво во надлежност на Министерството за правда, на политичките партии и на Собранието.
-Не постои ниту можност, ниту политичка волја, ниту начин кој било друг однадвор да биде вклучен во овој процес, истакна Ковачевски.
Во однос на изјавата на бугарскиот технички министер за надворешни работи Николај Милков за вклучување на Бугарија во процесот, Ковачевски рече дека можеби таа изјава не е дадена во вистински контекст.
-Меѓутоа сите заинтересирани страни ќе можат да го следат тој процес преку медиумите, бидејќи и медиумите ќе бидат вклучени во самиот процес, кој како што кажав ќе започне во стручната комисија во Министерството за правда, во која што ќе бидат повикани експерти, додаде Ковачевски.
Премиерот потсети дека веќе и политичките партии се повикани да делегираат свои претставници и потоа ќе се оди на расправа пред нивните организации, бизнис заедницата, медиумите и преку вас ќе може сите да се информираат. Уште еднаш потенцира дека одлучувањето е исклучиво во надлежност на институции на Македонија.