Премиерот Димитар Ковачевски денеска не го коментираше застарувањето на случајот „Таргет – тврдина“, што произлезе од измените на Кривичниот законик донесени неодамна. Ковачевски вели дека тие биле предложени и донесени поради усогласување, а не заради одредени повеќегодишни судски случаи.
– Јас никогаш досега не сум коментирал судски постапки. Тоа што е карактеристично e што се работи за случај од она што е достапно јавно, којшто се започнат уште во 2015 година, којшто е во второстепена постапка веќе три години, меѓутоа во текот на тие осум години не бил завршен како случај. Така што, сите одговори за ефикасноста во однос на решавањето на случајот и во однос на текот јас не би можел да ги дадам, тоа може да го дадат единствено оние коишто работеле на истиот, така што тоа е одговорот којшто можам да ви го дадам, рече Ковачевски.
За измените на Кривичниот законик, рече дека се однесувале на усогласување со европски директиви во делот на конфискација на имот и во други делови, вклучително и на одредени членови коишто се усогласуваат со законодавства на земји – членки на ЕУ – На 19 од нив и со речиси сите земји – членки на Советот на Европа.
-Беше направено заради усогласување, а не заради одредени судски случаи коишто се наоѓаат во постапка 8 години, 9, 10 години итн., бидејќи по таа теза тоа би значело дека кај нас би требало да се воведе незастарување на ништо и да сите судски случаи може да траат по 50, 60 години кога би биле решавани. Меѓутоа, сепак, праксата на земјите членки на ЕУ укажува на рокови коишто рокови обезбедуваат судење со пракса која што нуди ефикасност за сите странки во процесот, рече Ковачевски, кој беше во посета на компанијата „Вива“.