Премиерот Димитар Ковачевски денеска во изјава за медиумите рече дека е на страната на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) кој на вонредна прес-конференција побара одговорност од Врховниот суд доколку се точни информациите дека е донесена пресуда со која им се одзема работничкиот дом.

– Јас сум член на Синдикатот од 1999 година и сум 100-процентно на страната на ССМ. Да живее Синдикатот и да живеат работниците и работниот народ на РС Македонија, рече Ковачевски, одговарајќи на новинарско прашање по означувањето на почетокот на градба на логистичко-дистрибутивниот центар на ЛИДЛ во земјава.

За пресудата на Врховниот суд, Ковачевски упати одговорите да се бараат таму, пренесоа македонски медиуми.

– Јас никогаш не коментирам судски одлуки, меѓутоа јас сум на страната на ССМ, рече Ковачевски.

На вонредна прес-конференција денеска претседателот на ССМ Слободан Трендафилов соопшти дека според информациите со кои располагаат, Врховниот суд донел пресуда со која се одзема објектот на ССМ.

Трендафилов повика на одговорност и рече ќе побараат оставка од претседателот на Врховниот суд, како и од Советот на судии, доколку донел ваква одлука.