Македонија вчера одбележа 31 година независност. Власта повика на обединување околу идејата и патот на државата кон ЕУ и оти единството е клучно за постигнување успех, додека опозицијата повика дека на државава и е потребен нов 8 Септември и сеопштествено обединување и зачуван идентитет.

Претседателот на државата Стево Пендаровски вчера на церемонијата на одликувања по повод 8 Септември – Денот на независноста, рече дека единството е клучниот предуслов за успех, а за да бидеме поуспешни во натпреварот меѓу народите мора да го обновиме заедништвото и да ја вратиме свеста не за личниот интерес, туку за општото добро. 

Шефот на државата потсети дека на 8 септември 1991 година користејќи го сувереното право на самоопределување прогласивме независна држава и се вклучивме во културниот натпревар меѓу народите.

Според него, на овој тежок пат постигнувавме и успеси, но приредувавме и разочарување за македонските граѓани. Енергијата, како што рече, честопати ја трошевме во меѓусебни обвинувања и опструкции, а на внатрешен план најголем предизвик со кои и ден денес се соочуваме се длабоките поделби во македонското општество во нашиот тим.  

-Единството е клучниот предуслов за успех, а за да бидеме поуспешни во натпреварот меѓу народите мора да го обновиме заедништвото и да ја вратиме свеста не за личниот интерес, туку за општото добро. Колку и да е важен двигател на општествените процеси, личниот интерес сам по себе не е доволен да изгради општество со развиено чувство за национален интерес за општо добро. Оттука, вистинските двигатели на заедништвото треба да ги бараме меѓу оние кои не се мотивирани од тесни интереси, туку од повисоки цели, нагласи Пендаровски.

Премиерот Димитар Ковачевски на централната прослава по повод Денот на независноста – 8 Септември, што се одржа на платото кај паркот „Ибни Пајко“ во Скопје, повика на обединување и во слободата на одлучување.

-Знаеме дека мора да продолжиме по европскиот пат, поради нас самите и за оваа цел вреди да се обединиме, без калкулации и задршки – исто како за независноста во 1991-та, исто како во битките 1903-та и 1944-та. Државничките одлуки подразбираат лидерство и храброст за слободно одлучување, посебно кога тие одлуки се влог во подобра сегашност и подобра иднина за сегашните и идните генерации, порача Ковачевски.

Нашата проценка, рече Ковачевски, е дека завршувањето на преговорите со ЕУ до 2030-та година е реална, остварлива и неопходна цел, посебно во глобалната констелација на случувања.

– Граѓаните во тие 90-ти години покажале свесност дека обединувањето во минатото, ја донело слободата. Но знаеле и дека не смее назад од веќе постигнатото – во името на иднината. И затоа погледот го насочиле напред – кон остварувањето на новата прогресивна цел пред нив – независноста, со определбата, обединети да ја сочуваат и веќе извојуваната слобода, посочи Ковачевски.

Со мудрото политичко лидерство во тоа време, продолжи премиерот, кога се случува мирната транзиција на тогашна Социјалистичка Република Македонија, во тогашна независна Република Македонија, сочуван е по мирен пат унитарниот карактер на нашата држава, нешто што во другите земји во регионот, за жал, не беше случај. А со обединувањето на граѓаните околу новопоставената перспектива – независноста, зачекорено е храбро по новотрасираниот пат на прогресот, што и денес го одиме.

Ковачевски претхдодно на прославата на СДСМ на традиционалниот народен пикник на Пеленица по повод 8 Септември – Денот на независноста, рече дека ако погледнеме наназад во изминатите 31 година, заклучокот е тој – секогаш кога и било тешко на Македонија СДСМ била тука, водела напред и секогаш била на вистинската страна.

– Од процесот на создавање независна држава, меѓународно признавање, преку кандидатски статус, решавање на споровите со соседите и реализирање на стратешката цел, членство во НАТО, па се до почетокот на преговори со ЕУ оваа година. И затоа денеска после 31 година со гордост можам да кажам: Како што нашите предци во НОБ биле на вистинската страна, СДСМ била и се уште е на вистинската страна на македонската современа историја, изјави Ковачевски.

Порача дека СДСМ е државничка партија, која како што вели „води напред и го гледа државниот интерес“, а според него ВМРО-ДПМНЕ е парија која само ги гледа своите тесно партиски интереси.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, пак, Христијан Мицкоски на партискиот собир во Смилево, порача дека е време е за борба против неправдите.

-Пред такво искушение сме денес кога народот треба на референдум да одлучува дали е за или против Договорот со Бугарија, за укинување или одобрување на националната асимилација. Договорот за пријателство и соработка со Бугарија е изворот, темелот врз кој бугарската држава ја гради својата ригидна и негаторска политика кон нашата Македонија, нагласи Мицкоски и побара максимална мобилизација на членството за успех на најавениот референдум што го иницира ВМРО-ДПМНЕ.

На собирот во Смилево претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски повика да се одржат тројни избори, односно референдум, предвремени парламентарни и предвремени претседателски избори. 

Претходно, Мицкоски рече дека на овој ден народот во огромно мнозинство одлучи дека сака да живее во своја независна, слободна и суверена држава.

-Пред 31 година народот имаше ентузијазам, енергија и надеж. После 31 година и поминати голем број на премрежја, предизвици, падови одново се наоѓаме пред крстопат и нови предизвици, напиша претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во честитка по повод 8-ми Септември – Денот на независноста.

Овој пат, како што посочува, со многу помала надеж и ентузијазам поради лошото искуство низ годините. Имаме земја заглавена во исполнување на стратешките цели, децениско чекање за промени, отсуство на реформи, лош стандард, висок степен на корупција и уште поголема сиромаштија. Граѓаните ги делат истите страдања, истите маки.

-Македонецот знае да ја препознае тежината на времињата и да го избере патот кој е правичен, сигурен и носи просперитет и иднина. Сега повеќе од било кога се потенцирани предизвиците во форма на негација на македонскиот народ, идентитет, јазик, историја и култура. На Македонија и треба нов 8-ми Септември, нова надеж, национално и сеопштествено обединување околу заложбата за подобра иднина и зачуван идентитет. Како што на 8-ми Септември победи мислата за независна, суверена и самостојна Македонија, така и на претстојниот референдум ќе победи Македонија, вели Мицкоски.

Овој референдум, како што истакнува Мицкоски, ќе ја зацврсти Македонија и сите ние заедно ќе докажеме дека сме достојни на нашите предци и способни да им ја оставите државата просперитетна на нашите деца.

Американскиот Стејт департмент во име на САД, денеска испрати честитки до народот на Северна Македонија по повод 31-та годишнина од независноста на земјата.

-Со отворањето на пристапните преговори со Европската Унија, Северна Македонија годинава направи oдличен напредок кон европските интеграции. Сојузништвото во Европа и тежнеењето по нашите демократски вредности е многу поважно сега од кога и да било, истакна државниот секретар Ентони Блинкен.

Во честитката се нагласува дека „во годините што следуваат САД ќе продолжат со поддршката за нашиот сојузник Северна Македонија во неговиот европскои пат“.

Блинкен исто така укажа и дека „двете земји споделуваат демократски вредности и заложба за човекови права чија положба е силна во лицето на глобалните предизвици.“ 

-САД ќе продолжат да стојат со вас како правите одличен напредок за зголемување на просперитетот на сите ваши граѓани, подобрувајќи го владеењето на правото и зацврстувајќи ги вашите демократски институции. Ви пожелувам најдобри желби на овој посебен ден, порача државниот секретар Блинкен. 

Лидерот на Европските либерали, европратеник и известувач на Европскиот парламент за земјава, Илхан Ќучук во честитката по повод Денот на независноста на Северна Македонија, 8 Септември порача дека силно верува во успехот на Македонија и оти единството и добрососедските односи се клучот за нашата заедничка иднина во Европа, порача Ќучук.

– Изминатите  три децении С. Македонија измина долг пат и треба да бидете горди на она што го постигна во однос на демократијата, слободата, човековите права и владеењето на правото, истакнува Ќучук.

Тој додава дека денеска, 31 година подоцна, ја гледа Македонија како составен дел од евроатлантското семејство, а неодамнешните обврски за поддршка на Украина само го докажуваат овој факт, особено кога се појавува дестабилизација на светскиот поредок.