Премиерот Димитар Ковачевски во интервју за српскиот весник Политика истакна дека во рамки на Отворен Балкан веќе се преземаат иницијативи за економско-енергетската криза, како последица на Ковидот и воената агресија врз Украина.– Ние веќе разговаравме интензивно на претходниот Самит на овие теми, а минатиот месец во Тирана имаа состанок и работните групи на нашите влади. На Самитот кој ќе се одржи тука во Белград, ние како влади, но и ресорните министерства ќе имаат интензивни разговори за изнаоѓање конкретни начини за обезбедување доволно храна и енергенси со кои би ја пребродиле најтешката зима од Втората светска војна наваму. Ќе се посвети особено внимание на тоа регионот во секое време да има обезбедено храна и енергенси и да се обезбеди непречен проток во снабдувањето со основните прехранбени производи, односно да се реагира брзо и соодветно доколку се појави некое нарушување во синџирите на снабдување.  Во досега воспоставените механизми и потпишани меморандуми за соработка ние практично се обврзавме да си помогнеме во наредниот период кој очекувано ќе биде сериозно тежок. Но тоа секако не е непозната категорија. Ние си помагавме и во услови на ковид пандемијата.  Да заклучам, интензивно ќе работиме за да нема недостаток на храна и енергенси, но новата геополитичка реалност упатува на внимателност. Ќе имаме зима полна предизвици. Но, како и досега, како добри комшии, ќе си помагаме, рече Ковачевски.Тој подвлече дека мора заеднички да се изгради силна и конкурентна регионална економија.– Одливот на мозоци и постојаното иселување најчесто заради економски причини е навистина тема која е во фокус, но со вакви иницијативи се работи на тоа да им се овозможи на граѓаните, особено на младите луѓе, да си ја градат иднината тука, дома, во регионот. Со Отворен Балкан и сите активности кои произлегуваат од него, ние сме чекор поблиску до европски плати, европски квалитет на живот, енергична економија и владеење на правото, сега, тука, дома, посочи премиерот Димитар Ковачевски, кој денеска во Белград учествува на Првиот меѓународен саем за вино, храна и туризам „Винска Визија на Отворен Балкан“.