Алијансата за Албанци е политичка партија којашто во својата програма и јавни настапи има ставови што се прогресивни во делот на евроинтеграциите и корупцијата, но во моментов не разговараме за конкретно приклучување кон Владата, истакна премиерот Димитар Ковачевски во одговор на новинарско прашање на денешната прес-конференција.
-Можам да кажам дека најголемиот дел од политичките партии се за продолжување на европскиот пат, секако имајќи ги предвид заклучоците донесени во Собранието на 16 јули оваа година. Имаше една до две партии кои не се заинтересирани за европскиот пат, но добро е што седнавме и одржавме лидерска средба, вели Ковачевски.
Премиерот додаде дека лидерската средба во Собранието се одржала со цел слободно и демократски да бидат искажани сите ставови во однос на прашања што ги засегаат граѓаните, а се разговарало и за најактуелните теми во државата, особено за енергетската криза.