Средбата со Џо Бајден беше можност да поразговараме за важноста на европските и евроатланските интеграции на С. Македонија, објави вечерва премиерот Димитар Ковачевски, кој ја предводи македонската делегација на самитот во Вилнус.

– Средбата со претседателот на САД Џо Бајден, на Самитот на НАТО, беше можност накратко да поразговараме за важноста на европските и евроатланските интеграции на С. Македонија и земјите од Западен Балкан како еден од предусловите за обезбедување на мирот, стабилноста, безбедноста и просперитетот на регионот, објави Ковачевски на својот официјален профил на Фејсбук.

Тој во друга објава информира за свечената вечера вечерва:

– Вечерва присуствуваме на свечена вечера, која во чест на шефовите на делегации на сојузниците на НАТО и партнерите, ја приредува претседателот на Литванија, Гитанас Науседа и неговата сопруга г-ѓа Дијана Науседа. Ова е уште една уникатна можност за разговор и за потврда на нашата обединетост во справувањето со тековните и идни предизвици, објави Ковачевски.

Тој на Фејсбук објави и повеќе фотографии од Самитот на НАТО на кои е со претседателот на Украина Володимир Зеленски, британскиот премиер Риши Сунак, со премиерите на Словенија Роберт Голоб, на Луксембург Ксавиер Бетел, на Бугарија Николај Денков, со претседателот на Црна Гора Јаков Милатовиќ и други.