Набавката на природен гас во ЕСМ за јануари е спроведена согласно постапките и процедурите пропишани со закон. Од двете доставени понуди беше избрана поевтината цена на гас за јануари, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски во врска со природниот гас чија цена драстично падна, но во Македонија се увезува по повисока цена бидејќи така е договорено од ланската година.

Одговарајќи на новинарски прашања по посетата на компанијата „Пекабеско“, Ковачевски не одговори  дали некој ќе сноси одговорност што е склучен договор со фиксна цена за јануари, а цената на природниот гас паѓа.

– Набавката на природен гас во ЕСМ е спроведена согласно постапките и процедурите пропишани со закон. Беа доставени две понуди и беше избрана поевтината цена на гас за набавка за јануари. Таа постапка ќе биде спроведена и за февруари и сите компании кои имаат обезбедено гас, а можат да го продадат на ЕСМ, тоа можат и да го направат, рече Ковачевски.

Прашан зошто се форсира фиксна цена, Ковачевски со одговор дека секоја компанија која сака да им понуди на своите корисници пониска цена од онаа што ја купува на берза, може тоа да го вкалкулира во крајната цена.

– Секоја компанија која тргува на берза и која има 20-годишно тргување доколку сака на своите корисници да им пренесе пониска цена на енергенс што го купува на берза тогаш тоа може да го вкалкулира во крајната цена доколку сака и доколку како компанија има интерес, истакна Ковачевски.

Додаде дека со брзата реакција на Владата, државните компании ЕСМ, НЕР и ГАМА и земјите партнери на државава, навремено е обезбеден гас за јануари во момент кога при крајот на декември единствениот увозник на природен гас информираше дека од 1 јануари ќе прекине со испораката на овој енергенс.