Уште во првите 50 дена, направивме два историски чекори, објави денеска премиерот Димитар Ковачевски, во врска со прославата на 100 дена на новата Влада.

Во објавата на официјалниот профил на Фејсбук, Ковачевски таксативно ги брои своите „историски чекори“:

– Ја зголемивме минималната плата на 18.000 денари за 130.000 граѓани; Со пензионерите постигнавме историски договор за континуиран раст на пензиите со кој од септември па натаму секој месец ќе имаат просечно по 900 денари плус на својата сметка. А за речиси 330 илјади пензионери обезбедивме уште по 1000 денари плус со мартовската, априлската и пензијата во мај; Подготвено се соочивме со енергетската криза и со сеопфатни решенија обезбедивме заштита за граѓаните од поскапувањата предизвикани од глобалната енергетска криза. Го намаливме ДДВ-то за струја од 18% на 5%, објавува Ковачевски.

И продолжува:

– Ја субвенциониравме електричната енергија за 80% со што секое домаќинство има за 2.500 денари пониски сметки за струја. Подготвивме и испорачавме пакет антикризни мерки со кои сметките на граѓаните се пониски за околу 4.000 денари месечно. Го намаливме ДДВ-то од 5% на 0% на основните прехрамбрени продукти за граѓаните месечно да не плаќаат по 1.500 денари плус. Оваа Влада и понатаму останува да биде ефикасна и високо продуктивна во работењето, посветена на поставените високи цели за кои сум сигурен дека со многу работа и труд можеме да ги реализираме, објави Ковачевски на Фејсбук.

Одиме натаму, што друго да се каже за овие „крупни историски чекори“ во време кога се поскапува, а поевтин е само трудот на граѓаните и понизок е нивниот стандард!

(Д.Г.)