И да нема уставни измени, Димитар Ковачевски нема да си поднесе оставка од функцијата премиер, дециден е првиот човек на македонската влада, откако одржа средба со лидерите на партиите од владината коалиција.
– Не размислувам за оставка. Одлуката за уставни измени е на двотретинско мнозинство. Ние овде разговаравме што значи членство во ЕУ. Порано не можеше да се замисли наши граѓани да работат во Полска, Хрватска, Чешка. Имаме аргументи за ЕУ и тоа е процес кој не може да биде заложник за дневно политичка потреба. Затоа мандатот на Владата не е поврзан со гласањето на уставните измени. Оваа Влада ќе покаже дека ќе имаме парламентарно мнозинство и јас се надевам дека опозицијата ќе се приклучи во европскиот блок – рече Ковачевски.
На единство и проактивност од сите политички партии повика и Моника Зајкова од ЛДП.И по денешната средба, власта ја повика опозициската ВМРО-ДПМНЕ да се приклучи на европскиот блок. Со слична реторика Ковачевски се обрати до Мицкоски и по состанокот на партискиот Централен одбор, каде ги информирал сопартијците за средбите со високи државни претставници на САД.
Ковачевски потенцирал дека продолжувањето на европскиот пат е значајно од национален, регионален и глобален контекст, и ги потенцирал ризиците за земјата ако биде блокиран тој процес.
-На средбите и Блинкен и Ескобар недвосмислено потврдија дека евроинтеграциите на земјава се неповратен процес. Токму затоа и изразија загриженост врзана со блокадата на опозицијата на овие процеси. Доколку ние не продолжиме по европскиот пат, доколку не ги направиме следните чекори, евроинтеграцијата ќе запре и ние повторно ќе се најдеме во состојба на стагнација, како онаа што ја имавме цели 10 години до 2016 година. Тоа е многу опасно за нашата земја и за нејзината иднина“, потенцирал Ковачевски.
Во однос на интеграцијата во ЕУ, премиерот испратил порака дека тоа не е процес на еден човек, ниту само на една партија. Но и дека „од страна на висок американски претставник било кажано дека договорот кој го има РСМ за пристапување кон ЕУ, е најдобриот договор што земјата може да го добие“.
Тој ја повторил старата лажна пропагандна оценка дека ВМРО-ДПМНЕ е заложник на проруската Левица, и дека де факто прави блокирање со бескрајни и бесцелни дискусии во парламентот.
„Но од друга страна, јасно е дека во ВМРО-ДПМНЕ има поединци, можеби и пратеници, претставници на раководството, кои не мислат исто како и нивното лидерство и кои искрено и од срце сакаат земјата да го продолжи патот кон ЕУ. Можеби сакаат да бидат дел од европскиот блок. И на тие поединци мислам дека треба да им се даде шанса да се приклучат на возот кој оди за Брисел. Или, ВМРО-ДПМНЕ ќе се приклучи кон проевропскиот блок цела како партија, за утре да не се срамат од одлуките што ги носеле, во минатото. Бидејќи, не им е сеедно кога денес ќе им кажеме дека не го поддржале зачленувањето во НАТО, дека не влегле кога се гласаше Договорот со Фронтекс, за првпат на македонски јазик, одобрен од сите земји-членки на ЕУ. Во секој случај, возот е тргнат кон ЕУ и враќање од тој пат нема“, порача Ковачевски.