Ако не се случат уставните измени ќе го имаме тоа што го имавме од 2006 до 2016 година. Наместо интеграција ќе имаме изолација, а видовме како изгледа изолација. Без инфраструктура, заробена држава, во слобода на медиуми бевме на 130 место сега сме 38-ми во светот, владеење на право окарактеризирани како хибриден режим, а сега за една година 19 места скок, вели премиерот Ковачевски
ЕУ има отворена врата за приклучување на нови членки, но македонскиот евроинтегративен пат зависи од уставните измени и ако не ги направиме тие ќе имаме изолација наместо интеграција, рече премиерот Димитар Ковачевски на прес конференција по завршувањето на вториот Самит на Европската политичка заедница што се одржа во Кишињев, Молдавија.
„Проширувањето на ЕУ беше предмет на разговорите на работниот дел од самитот каде што уште еднаш беше искажана јасната подготвеност на ЕУ за отворена врата кон нови земји членки за приклучување кон ЕУ, тука пред се се мисли на нас и Албанија кои што треба да ги почнеме отворањата на поглавјата по завршување на скрининг процесот“, рече Ковачевски.
Исто така, рече Ковачевски, беше уште еднаш искажана подготвеноста и поддршката за носењето на одлуките кои што треба да ги донесеме ние како наш дел во преговарачката рамка и беше искажана цврстата подготвеност на ЕУ и на Европскиот Совет дека тие ќе го исполнат својот дел од преговарачката рамка, а тоа е отворањето на вториот дел од преговорите после скрининг процесот.
Ако погледнете во моментов ЕУ има две граници, едната е надворешната граница, а другата е границата со земјите од Западен Балкан. Во моментов постои отворена врата, постои како никогаш до сега волја во овој геополитички момент и подготвеност од страна на земјите членки на ЕУ за проширување бидејќи процесот на проширување веќе не се смета како потреба на земјите кандидати туку се смета како заедничка потреба и на земјите кандидати и на самата ЕУ бидејќи ЕУ без Западен Балкан не е комплетна во целост“, рече Ковачевски.
Ковачевски вели дека кога станува збор за македонскиот евроинтегративен пат тој зависи од уставните измени со кои ќе се вметнат Бугарите во Преамбулата, а за тоа е рационален оптимист, затоа што во спротивност на државата ќе и следи изолација.
„Дали сум оптимист – јас сум рационален оптимист, верувам во целта и работам на тоа таа цел да се оствари. Што ако не се случат уставните измени. Ако не се случат уставните измени ќе го имаме тоа што го имавме од 2006 до 2016 година. Наместо интеграција ќе имаме изолација, а видовме како изгледа изолација. Без инфраструктура, заробена држава, во слобода на медиуми бевме на 130 место сега сме 38 место во светот, владеење на право окарактеризирани како хибриден режим, а сега за една година 19 места скок, еве вие сте медиуми и никој не ви кажува што да прашате, ниту како ќе ви изгледаат вестите, ниту некој ви се јавил од мојот кабинет да ви каже какво прашање да ми поставите“, рече Ковачевски.
Според премиерот политичките партии и пратениците во Собранието, имаат обврска и одговорност пред граѓаните да носат одлуки кои што овозможуваат подобра иднина и подобар животен стандард на сегашните и идните генерации.
„Членството во ЕУ не е цел сама за себе, членството во ЕУ е цел со која што го остваруваме она што го сакаат граѓаните“, изјави Ковачевски.