Правото на протест е загарантирано граѓанско и уставно право во една демократија како нашата. Сите ние сме учествувале на протести, а тоа секогаш било пред сѐ затоа што сме сакале суштински промени во државата. Треба на сите да ни е јасно дека овие протести, најпрво не се граѓански протести како што сака опозицијата да ги прикаже, тие се организирани од страна на ВМРО-ДПМНЕ и Левица и се апсолутно неповрзани со европскиот предлог, иако на прв поглед изгледаше така, вели денеска во интервју за МИА премиерот Димитар Ковачевски.
На прашањето за евентуалните влијанија однадвор врз протестите против францускиот предлог кој се одржуваат веќе десетина дена, Ковачевски вели дека смета оти овие протести се гола борба за власт.
– Недозволиво е да се злоупотребуваат протестите за насилство и кршење, за да се повредуваат луѓе. Во само неколку кратки денови, ние имаме 50-тина повредени припадници на полицијата, од кои дел се со тешки и сериозни повреди. Легитимното право да се протестира не смее во никој случај да се претвори во насилство, а се со цел задоволување на лични интереси или интереси на трети страни, кои не седат на страна од сето ова. Ние за жал имаме парламентарна партија која се финансира однадвор и навистина не ме чуди што тие се и толку ревносни да ја загрозат стабилноста и безбедноста на нашата земја, изјави Ковачевски.
Тој фрла сериозно обвинување врз парламентарна партија за финансирање од странство, а притоа не објаснува дали е таа од владејачката коалиција на СДСМ, која тој ја предводи или од опозициските.