Социјалдемократска партија која ја предводи Владата, ги негува и имплементира социјалдемократските вредности. Преку неколкуте пакети антикризни мерки обезбедиме зголемување на минималната плата. Оваа година постигнавме 100 отсто зголемување споредбено со 2016 година, истакна премиерот Димитар Ковачевски во Австрија.
– Обезбедивме континуирано зголемување на просечната плата и ги зголемивме и пензиите. Во март 2023, споредено со март 2016, просечната пензија се зголеми за 47% додека минималнта пензија се зголеми за 60%. Само со ваков одговорен пристап се можни вакви подобрувања во вака краток период, рече Ковачевски во своето предавање кое го одржа на Дипломатската академија Виена, во Виена- Австрија, зборувајќи на тема „Почеток на пристапни преговори со С. Македонија: Нова динамика во проширувањето на ЕУ“.
Ковачевски истакна дека токму напорната работа, грижата за граѓаните и бизнис заедницата, од Светската банка биле оценети како највисока поддршка во регионот.
Тој потенцираше дека во време на најтешка есен и зима, Владата успеа не само да го заштити стандардот на граѓаните, туку да ги врати парите назад кај граѓаните, што е суштината на социјалдемократијата премиерот изрази задоволство од препознаените напори на Македонијан од страна на ЕУ со што не изостана нивната поддршка, особено за проекти во енергетскиот сектор кои би обезбедиле забрзана енергетска трансформација на земјата.
– Како премиер и претседател на СДСМ, се гордеам што како водечка партија ја свртевме државата кон европската агенда и не дозволивме напредокот на земјата да биде жртва на домашната политика. Не дозволивме внатреполитичките спорови да ги стават настрана реформите потребни кон приближување на стандардите и законите на Европската унија, рече тој.
Посочи дека Македонија во носењето на закони ќе го зајакне фокусот во реформата во јавната администрација, механизмите за владеење на правото и борбата против корупцијата.
Премиерот Ковачевски нагласи дека постои силна политичка волја и искрена желба за напредок во евроинтеграциите, како и јасно поставена цел, членство во големото европско семејство до 2030 година.
– Членството во НАТО го крена рејтингот на државата и ги зголеми странските директни инвестиции, рече Ковачевски.
Тој говорејќи на тема „Почеток на пристапни преговори со С. Македонија: Нова динамика во проширувањето на ЕУ“ се осврна на владините политики и посочи дека земјава е носител на најпозитивните политички текови и процеси не само во Западен Балкан, туку и во Европа.
-Членството во НАТО го крена меѓународниот рејтинг на С. Македонија како во политичка, така и во безбедносно – економска и финансиска смисла. Влезот во Алијансата не беше само гаранција за мир и стабилност за С. Македонија, туку и гарант за македонската економија, за граѓаните, за нашиот целокупен економски раст и развој, истакна премиерот.
Како резултат на членството на земјата во Алијансата, додаде тој, странските директни инвестиции во услови на криза достигнаа рекорден историски износ од 753 милиони евра, што е највисоко ниво на странски дирекни инвестиции во земјата и двојно повеќе споредба со 2016 година. Владата, рече тој, го поддржува и развојот на домашните компании, а добрите економски политики на Владата носат зголемен економски стандард за граѓаните, стабилни и добро платени работни места и простор за зголемување на нивната конкурентност на пазарот на труд.
-Го поддржуваме и развојот на домашните компании, со рекордна исплата на 23 милиони евра државна поддршка кон 410 компании, истакна премиерот Ковачевски.
Претседателот на Владата додаде дека со решавање на спорот со Република Грција и потпишување на Преспанскиот договор, остваривме една од двете стратешки цели на државата, станавме членка на НАТО со што се обезбедува траен мир и го зацврстивме суверенитетот на државата.
-Владата предводена од СДСМ спроведува интеграциските политики, со што покажавме силна политичка волја и искрена желба за конкретен напредок во евроинтеграциите, кажа премиерот.