Одлуките за продолжување на евроинтеграцискиот пат треба да бидат донесени сега низ демократска постапка во нашето Собрание за да можеме во 2030 година да бидеме земја членка на ЕУ, истакна претседателот на Владата Димитар Ковачевски денеска пред пратениците.
-Јас како премиер и СДСМ како партија, како носечки партнер во Владата заедно со коалициските партнери, а верувам дека проевропски политичари има и надвор од владината коалиција во ова Собрание, ќе го направиме она што е потребно за да обезбедиме европска иднина на македонските граѓани, потенцира Ковачевски.
Посочи дека се носеа одлуки и ако влезевме во ЕУ заедно со Хрватска, сега ќе бевме 17 години во Унијата, но исто така предупреди дека сега ризиците се уште поголеми, но оти не смееме да го заборавиме заедничкиот интерес што моментно го имаме со Унијата.
-Сега ризиците се уште поголеми бидејќи идната година ЕУ ќе има избори, ги гледаме и случувањата на одредени земји во нашиот регион, меѓутоа и геостратешкиот момент кој што се случува во Европа со војната која беснее се уште во Украина. Тоа значи дека ако не продолжиме може да останеме од земја која во моментов е практично лидер во европските интеграции да останеме проблематична точка заедно со Косово и со Босна и Херцегина на која што можеби некогаш, прашање е дали и кога ќе се наврати ЕУ, рече Ковачевски.
Според него, не треба да заборавиме дека во овој стратешки момент и ние сме и потребни на ЕУ, а не само таа нас бидејќи во овој момент треба да се обезбеди стабилност на европскиот континент, а тоа не е можно да се направи без земјите од Западен Балкан кои што практично претставуваат дел од Европската унија. Географски гледано, Западен Балкан е практично опкружен со земји – членки на ЕУ.
-И апсолутно ова не се апокалиптични сценарија за тоа што може да се случи ако се испушти чекорот со земјите од регионот во европската интеграција. Ова се факти за секој да стане свесен каква одлука се носи кога е потребно носење на одлука бидејќи со тоа или ќе придонесеме да продолжи европскиот процес или тој ќе биде закочен. И одговорноста ќе биде лична на секого и од нас и од вас бидејќи одговорноста ќе има и име и презиме и граѓаните тоа ќе го знаат исто како што граѓаните знаат чија е одговорност што 11 години државата беше заглавена, а 17 години чекаше на почнување на преговори со ЕУ, рече Ковачевски.
Затоа, како што вели, смета дека „треба да престанат драмите што ги гледаме во изминатиот период и што доаѓаат доминантно од редовите на опозицијата која повторно игра на картата на некаков патриотизам кој треба да е замена за носење на одлуки кои значат европски интеграции“.
-Во ваква ситуација, доколку не се донесат потребните одлуки во овој Парламент и ако не се осигура европскиот пат, ние каква порака всушност праќаме кон нашите стратешки партнери. Прво, што ќе се покаже неодговорност кон потребата на граѓаните, кои заслужуваат да бидат европски граѓани, но во својата родна земја, што ќе се упропасти иднината на младите, во држава во која цела Европа гледа локомотива, на воз на Западен Балкан вo зачленување во ЕУ и тоа сега. Ние ќе ги изневериме и очекувањата и на меѓународната заедница кои во Северна Македонија гледаат како на фактор на стабилност, во геополитички контекст. Сега е моментот на заеднички интерес кога и ЕУ има потреба од нас и ние од ЕУ. Јасно е дека ова е уникатна шанса. Затоа европските партнери и САД, според нивни зборови ја нарекуваат неповторлива шанса, единствена затоа што тоа е така, вели Ковачевски.
Според него, ние имаме неповторлива шанса да станеме полноправна членка на Унијата до 2030 година.
-Оној, пак, кој мисли да соработува со трети страни кои не се на линија на евроатланските цели на Северна Македонија и на граѓаните кои на последните парламентарни избори дадоа поддршка на проевропски политички субјекти нека го прават тоа. Тоа ќе се види и на гласањето за овој Парламент, кога за тоа ќе дојде време. Ние од тој мраз на меѓународна изолација, на потонати демократски вредности, на клучеви на врата на домашни фирми, на контроверзни инвестиции од далечниот исток, на сиромаштија и длабока социјална криза….излеговме од тоа во 2017 година, рече Ковачевски на седницата за поставување пратенички прашања.