Денешниот ден е историски за нас. После 17 години, го правиме клучниот чекор на патот кон остварување на нашиот децениски, генерациски сон за кој огромно мнозинство граѓани, десетици наши државни лидери, политички претставници, граѓанскиот сектор, академски и научни работници, стопанственици, новинари и медиумски работници и илјадници државни службеници, долги години посветено работеа, рече во своето воведно обраќање премиерот Димитар Ковачевски на првата Меѓувладина конференција, јави известувачот на МИА од Брисел.
Со оваа Меѓувладина конференција, како што посочи премиерот, Македонија ја започнува последната етапа од својот долг пат кон полноправно членство во Европската Унија.
Тој напомена дека со оваа Меѓувладина конференција практично се операционализира одлуката на Советот на ЕУ од март 2020 година и се отвора процесот за прием на Македонија и нејзините граѓани во големото европско семејство.
-Патот до Брисел беше долг. С. Македонија формално аплицираше за полноправно членство во 2004 година и се стекна со кандидатски статус во 2005 година. Првата препорака за почеток на преговорите Европската комисија ја даде во 2009 година, а Советот на ЕУ ја потврди со едногласна одлука во март 2020 година, рече премиерот.
Според Ковачевски, Македонија цивилизациски, географски и историски припаѓа во европското семејство.
-Ние сме Европа во мало, мултиетничка и мултиконфесионална функционална демократија и активно работиме за да изградиме општество во кое има место за сите. Ние практично и секојдневно го живееме мотото на Европската Унија, ние сме обединети во различностите, и длабоко се гордееме со истите, додаде тој.
Во духот на почитувањето на различностите, потенцираше премиерот, преку Охридскиот рамковен договор и последователните уставни измени, нашата држава создаде напреден модел кој обезбедува еднаквост во остварувањето на културните, јазичните и идентитетските права на заедниците.
Премиерот потенцираше дека посветено работат на надминување на предизвиците и унапредување на односите со соседите преку имплементација на Договорот од Преспа со Грција и на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија.
-Европска иднина со безусловно почитување на достоинството и посебноста на македонскиот народ и неговите јазични, идентитетски, историски и културни особености. Драго ми е што за овие прашања како и за билатерални прашања кои не се директно поврзани со правото на ЕУ и со Копенхашките критериуми за членство, нема да се разговара во текот на преговорите како што недвосмислено го потврди Претседателката Фон дер Лајен во Собранието на Северна Македонија пред сите наши пратеници и целата наша јавност, подвлече Ковачевски.
Напомена оти е горд што македонскиот јазик ќе биде јазик на кој ќе се води процесот на преговорите за пристапување, вклучувајќи го и самото склучување на Договорот за пристапување на Македонија во ЕУ. Со нетрпение, посочи, го чека денот кога со полноправно членство на Северна Македонија во ЕУ, македонскиот јазик ќе е еден од службените јазици на ЕУ еднаков со сите останати 24 официјални јазици на Европската Унија.
-Подготвени сме во целост да го преземеме законодавството на ЕУ во својот внатрешен правен поредок и да изградиме ефикасни административни и правосудни капацитети за негова целосна примена. Ние и во моментов имаме околу 45 отсто усогласеност со законодавството на ЕУ. Пристапните преговори ќе бидат само дополнителен поттик да се продлабочи и забрза овој процес на усогласување, како и процесот интеграцијата во единствениот пазар на ЕУ, додаде Ковачевски.
Воедно, како што рече, сите релевантни институции во Македонија се целосно подготвени да придонесат за ефикасно и ефективно спроведување на процесот на скрининг и да продолжат со понатамошно усогласување на нашата правна рамка со стандардите на ЕУ.
-Свесни сме дека времетраењето на преговорите ќе зависи првенствено од спроведувањето на неопходните реформи, како и од способноста на ЕУ да може да го поддржува и продлабочува својот сопствен развој, гарантирајќи го својот капацитет за интегрирање нови членови. Во оваа смисла, С. Македонија преку интензивна и посветена работа, има за цел да биде потполно подготвена да ги преземе обврските од членството во ЕУ до крајот на 2030 година за да може да стане земја членка на ЕУ до почетокот на следниот буџетскиот период на ЕУ, додаде премиерот.
За времетраењето на преговорите, премиерот потенцираше дека Владата на Македонија како и досега ќе се придржува кон начелата на транспарентност и инклузивност на сите општествени чинители.
-Нека ни е среќен почетокот на пристапните преговори, заедно ќе го изодиме овој пат, и сигурен сум не така далеку од сега, заедно ќе се радуваме и на полноправното членство на РС Македонија во Европската Унија, подвлече премиерот Ковачевски.