Премиерот Димитар Ковачевски ги повика пратениците што поскоро да ги донесат измените на Законот за минимална плата со кои таа се зголемува на 18.000 денари.

– Ги охрабрувам пратениците во Собранието и политичките партии да дадат поддршка и што поскоро да го изгласаат законот за минималната плата. Граѓаните од нас очекуваат ефикасност и не смееме да дозволиме одложување на носењето на ова решение кое од огромно значење за работниците со ниски примања во време на криза. Ја повикувам опозицијата и нејзините пратеници да дадат поддршка на оваа верзија на законот и кончено да демонстрираме заедништво за одлуки важни за граѓаните, напиша Ковачевски на „Фејсбук“.

Ковачевски најавува дека платите и пензиите ќе растат и во иднина бидејќи, како што вели, сега е време секој денар од буџетот да се насочи како финансиска помош за граѓаните и стопанството.