Премиер Албанец во последните 100 дена од овој владин состав се чини дека е затворена тема за сите политички партии од владината коалиција, објави ТВ 21. Премиерот на земјава Димитар Ковачевски уште еднаш го потврди договорот што го имаат со ДУИ од 2020 година, а истиот се уште е на сила. Според Ковачевски, партиите кои споделуваат заеднички идеи треба да влезат во европската коалиција или фронт.
Ковачевски најавува дека за сите кадровски решенија што ќе се донесат во наредниот период мислењето ќе биде навремено соопштено. Што се однесува до Алијанса за Албанците кои инсистираат сами да настапат на изборите, Ковачевски вели дека кога се прават коалиции, важно е да се споделуваат заеднички вредности, а според него, АА има такви програмски определби.
Прашањето за премиер Албанец го потврди и потпретседателот на ДУИ, Бујар Османи. Според него, нема простор за дискусија за ова прашање.
„Премиер предложен од ДУИ во последните 100 дена ќе има. Ова е дел од договорот и нема простор за преговори. Не сме стигнале до таа фаза да разговараме како ќе бидат изборите во насока ќе бидат, со какви коалиции и слично и со кои кандидати. Сега сме во фаза на одредување на датумот на изборите и дали ќе бидат заедно или посебно. Последните средби што се одржаа со СДСМ беа исклучиво на оваа тема“, вели Бујар Османи.
Инаку, неодамна беше кажано дека СДСМ се обидува да ја убеди ДУИ да се откаже од премиер Албанец за време на техничката влада, како и да одат со заеднички кандидат за претседател, но и со заеднички листи на парламентарните избори.