Владата спроведува успешна енергетска транзиција која на среден и на долг рок ќе обезбеди сигурност со снабдување на енергенси, одржливост на енергетскиот систем и ќе биде праведна за сите граѓани.
Ова го истакна премиерот Димитар Ковачевски во своето излагање на Економскиот форум во организација на „Finance Think“, на кој зборуваше за текот на реализација на енергетските проекти во државава.
-Секоја криза претставува можност, за таа цел беше изработена Стратегија за транзиција на електро енергетскиот систем. Пред десеттина дена ја пуштивме првата фотоволтаична централа на старите наоѓалишта на јаглен во „Осломеј“, 10 мегавати тоа е државна инвестиција која што е помогната со ЕБОР, тука веќе се планирани и ќе почнат со градба уште 2 од по 50 мегавати фотоволтаични централи кои што ќе бидат изработени врз основа на концептот на јавно приватно партнерство со компании од Турција „Фортис“ и од Бугарија „Соларпром“ и уште една 10 мегавати која што ќе биде во сопственост на ЕСМ, практично со што ќе се замени 120 мегавати работата на „Осломеј“ од јаглен со 120 мегавати моќност на фотоволтаични централи од обновливи извори на енергија и тоа е прв пример во Југоисточна Европа“, изјави премиерот Ковачевски.
Во втора фаза, како што посочи Ковачевски, е проектот Чебрен, еден монументален историски проект којшто го воделе веројатно сите Влади, кој за прв пат се наоѓа во втора фаза.
Како што кажа Ковачевски, веќе има девет понудувачи кои што деновиве се на теренско разгледување на просторот каде што тоа треба да се прави, за рамноправно да учествуваат на тој тендер. Премиерот подвлече дека очекува втората фаза да успее и да имаме избрано изведувач.
Основа на македонската енергетска транзиција која ја спроведува Владата е ефикасното искористување на расположливите природни ресурси, како што се сонцето, ветерот и водата. Македонија ќе ги следи добрите практики на политиките на Европската Унија како сериозен партнер во реализацијата на Европскиот зелен договор, активности кои се однесуваат на обновливите извори на енергија, енергетската ефикасност како и декарбонизацијата, а во насока на зачувување на животната средина и подигнување на квалитетот на животот на граѓаните.
Визијата на Владата, како што е наведено во денешното соопштение од владината прес-служба, во следниот период е развој на сигурен, ефикасен, еколошки и конкурентен енергетски систем што е способен да го поддржи одржливиот економски раст на земјата.